Ковид-19 и менталното здравје: Најотпорни на стрес се мажите и високообразованите индивидуи

Во раните фази на пандемијата ковид-19, истражувачите ја истакнаа важноста од следење на стапките на депресија, анксиозни нарушувања, самоповредување и самоубиствено однесување кај општата и ранлива популација, вклучително и здравствените работници од прва линија.

Мерките преземени за ублажување на ширењето на болеста, како што се карантинот, полицискиот час и социјалното дистанцирање, имаат негативно влијание врз вработувањето и економијата и зголемената социјална изолација и осаменост. Стравот од заразување со вирусот, искуствата на ужалување и неизвесноста за иднината ги соединија овие стресови. Со оглед на неповолните исходи за ментално здравје што ги следеа претходните епидемии, специфичните стресни фактори и невиден степен на здравствена криза од ковид-19, студиите базирани на менталното здравје на населението започнаа да се појавуваат рано во пандемијата.

Во текот на април и мај 2021 година изработена е првата истражувачка студија спроведена од Советувалиштето за хумана соработка – „Гешталт тренинг институт“ во Скопје, Северна Македонија (Ваниќ, Лазаревска и Бошкова, 2021) за стресни фактори, стратегии за справување со стрес и психолошки ефекти на ковид-19 во Северна Македонија. Според наодите (со вклучена популација од 1.048 испитаници), 86,9 отсто од учесниците доживуваат умерен до висок стрес, додека 64,5 отсто доживуваат симптоми на анксиозност/депресија на умерено до високо ниво. Најранливите подгрупи на учесници се оние на кои им бил или моментално им е дијагностициран ковид-19, проследено со невакцинираните учесници, со доминација на женската популација. Помладите индивидуи доживуваат повеќе стрес и анксиозност во споредба со постарите индивидуи, а помалку образованите индивидуи се потврдени како поранливи на стрес и вознемиреност отколку повисоко образованите индивидуи. Луѓето кои живеат во рурални области се повеќе изложени на фактори на стрес отколку оние кои живеат во урбани средини, особено ако живеат во пошироки семејства. Индивидуите кои не се вработени се повеќе под стрес и вознемиреност отколку самовработените/вработените индивидуи и оние кои заработуваат повеќе пари се помалку под стрес и помалку вознемирени во споредба со оние кои примаат помали плати. Во согласност со овие наоди, најрезилиентни (најотпорни) категории на граѓани се мажите, високообразованите индивидуи, луѓето на возраст од 56-70 години, оние кои се вработени и заработуваат повеќе од 35.000 денари, кои живеат во урбани средини, сами или во група луѓе.

Оваа студија потврди дека општата ментална состојба на населението е нарушена. Квалитетот на животот генерално се менува и влијае на индивидуалната, интерперсоналната адаптација кон новите ситуации.

Овие наоди имаат важни импликации за клиничката работа, јавното здравство, професионалците за ментално здравје, итн. во насока на мобилизирање на знаењата и вештините на организирано дејствување кон подобрување на менталното здравје на населението. Потребни се проактивни мерки за постигнување на потребите на клиентите преку различни алатки преку интернет и лице в лице за да се зајакне поддршката и резилиентноста/отпорноста што се потврдени како значаен фактор што го зголемува потенцијалот на поединецот за успешна адаптација и справување со стрес и анксиозност.

Благица Ризоска

Видео на денот