Ковид-19 ги одложи иселеничките средби во Делчевско

Фото: МИА

Поради Ковид-19 пандемијата во Делчевско се откажани голем број иселенички средби. Една од оние средби кои требаше да ги собере иселениците ширум светот во родните огништа е иселеничката средба во делчевското село Град.

Организаторот Марјан Маџовски, кој долги години живее и работи во Швајцарија изрази жалење за неможноста да се организира средбата, но, како што рече „со Господ напред”, до година ќе се потруди средбата да биде побројна и поорганизирана од било кога.
-За жал знаеме каква е ситуацијата сегде во светот поради пандемијата од коронавирус. Голем број иселеници дури го откажаа својот годишен одмор за следната година. Знаеме дека собири од поширок обем не се дозволени, па така решивме средбата која секоја година ја организираме првата недела по Илинден, да ја презакажеме за догодина, истакна Маџовски.
Целта на средбата е иселениците да се потсетат на времињата кога населението се уште живееше во родните огништа, време во кое, како што додава Маџовски, сите се чувствувале посреќно.
-Кој што сака нека вика, но дома си е дома. Не им препорачувам на младите како нас да бегаат од родните огништа, бидејки само ние знаеме како е да сме одделени од дома. Можеби од Македонија изгледа дека во странство се заработува многу, но треба многу труд, кој доколку дома се вложи може да се успее и дома, додава Маџовски.
Маџовски е иселеник во Швајцарија, кој е вработен во комунално претпријатие во градот каде што живее и неодамна беше прогласен за најдобар косач, што според него е огромно признание.
-Се разбира тоа ми е работа која ја научив од моите родители и се гордеам што еве покажав дека иако доаѓам од мало место во Македонија, дека тоа што ме научиле сум го усовршил толку добро. Наградата следуваше како призание за она по што сме познати ние од село Град, а тоа е работата на поле, додава Маџовски.
На денешен ден, 9 август требаше да се одржи и познатата Црвенџиска средба во селото Бигла, но причината за откажувањето, како што вели иселеникот Бошко Васев, кој е организатор на средбата е општопозната.
-Причината е ова зло кое не зафати сите, зло кое не ни овозможи повторно во нашето Црвенџиско маало да се собереме по 12-пат и да се видиме, развеселиме и потсетиме на некогашните времиња, вели Васев.
Васев, кој посредува за работа на Македонците и останатите балкански државјани за работа во Германија, вели дека вирусот се одразил и на работата во една од најразвиените земји.
-За жал работата не трпеше кај граѓаните со останати пасоши, но кај оние со македонски патни исправи одеше малку потешко. Инаку работа се бара во Германија, која има потреба од општи работници, но се зависи уште колку долго ќе трае кризата и како тоа ќе се одрази на новите работни ангажмани, додава Васев.
Тој ги покани роднините и пријателите на заедничка дружба до година, кога се надева дека популарната Црвенџиска средба ќе може да се одржи без никакви проблеми во 2021 година.
Во Делчевскиот регион има уште неколку иселенички средби кои се презакажани за следната година. Ковид-19 не им овозможи на жителите од село Габрово да ја реализираат иницијативата на иселеничката средба да се соберат средства за доградба на црквата „Св.Димитрија”, а годинава ќе изостане и популарната иселеничка „Расадничка вечер”, која традиционално се одржува кон крајот на август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот