ВИДЕО | Ковачевски: Железничката пруга кон Бугарија по 30 години станува реалност со инвестицијата од 200 милиони евра

Димитар Ковачевски/Фото: Влада на РСМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод потпишување на договори за изградба на железничката пруга за прва и втора фаза на Коридор 8 и реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.

На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи министрите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски, како и претставници на компаниите „Саваж”, „Штрабаг”, „Ѓулермак” и „МТВ” и од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР.

Премиерот Ковачевски се обрати во Владата при потпишувањето на денешните договори меѓу ЈП ЖРСМ и фирмите изведувачи. Станува збор за ревитализација на неколку клучни делници со вкупна должина од 96 километри односно инвестиција од 200 милиони евра во која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10.

Нова инвестиција од 200 милиони евра во железничкиот сообраќај

-Градежните зафати кои ја опфаќаат ревитализацијата покрај подобрување на техничките карактеристики на пругата, ќе обезбедат целосно модернизирање по европски стандарди преку изградба на нови мостови, поставување безбедносни бариери и заштита од врева и вибрации, поставување на нови сигнално сигурносни уреди, изградба на нови железнички станици, итн. Реализација на планираните инвестициски вложувања во железничката инфраструктура во Коридорите 8 и 10, е исклучително важен проект од кој придобивки ќе имаат и Република Северна Македонија но и регионот. Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори, рече Ковачевски.

Според премиерот инвестицијата  ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија, бидејќи регионалното поврзување од овој тип е исклучително важен момент за нашата економија.

-Со оваа инфраструктурна инвестиција се отвораат и практично обезбедуваат нови пазари за домашните компании. Нашите компании полесно и побрзо ќе се поврзат со регионот и пошироко што отвора многу нови можности за просперитет и економски развој. Алтернативните рути кои ги обезбедува оваа инвестиција во крајна линија ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме. Со рехабилитациските зафати на Коридорот 8 по речиси 30 години, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија станува реалност. Овој проект ќе биде од пошироко значење и за стопанството, за бизнисот но и влог во европската агенда за функционално железничко поврзување на целиот регион, рече премиерот Ковачевски.

договор за железница
Потпишување договор за железника инфраструктура/Фото: Влада на РСМ

Тој нагласи пристапувањето во Европската Унија покрај тоа што е политички процес, воедно е и процес на инфраструктурно и економско поврзување, кој треба да придонесе за подобрување на бизнис климата и на квалитетот на животот на граѓаните.

-Пред нас е уште еден доказ дека политиките на пријателство, добрососедство и соработка значат развој и поединечно за двете земји, но и за регионот. Кога постои волја, тие политики лесно и најпрактично се преточуваат во конкретни, реални и остварливи цели во интерес на граѓаните. Тоа е нашиот фокус и нашата заложба, да се поврзуваме со земјите од регионот на начин кој ќе овозможи просперитет за сите, а со кои граѓаните ќе бидат економски зајакнати. Регионалниот развој и соработка, како и досега останува наш приоритет, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека импактот кој инвестицијата ќе го има врз развојот и реформите во железничкиот сектор се несомнени и ќе придонесат граѓаните да добијат железнички превоз каков што посакуваат: подеднакво развиен, безбеден, брз и еколошки како и во земјите на Европската Унија.

-Храбрите, тешки и патриотски одлуки кои ги донесовме, од денес се преточуваат во конкретни проекти кои ќе обезбедат севкупен развој. Она што е важно, е дека имаме јасна визија за иднината, ја движиме државата напред. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое граѓаните ќе се економски напредни со подобрен квалитет на живот”, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот упати честитки до институциите за успешно спроведената комплексна постапка за избор на изведувачи согласно правилата на ЕБОР како и  честитки за избраните компании од кои се очекува навремена и квалитетна изведба согласно договореното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот