Ковачевски: Во време на најголема криза ги заштитивме граѓаните и обезбедивме стабилна економија

Фото: МИА

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за МИА, говори за предизвиците на Владата во справување со економската и енергетската криза. Премиерот говорејќи за антикризните мерки кои ги обезбеди Владата, потенцира дека освен што се застана во заштита на граѓаните, се обезбедија и услови за работа на компаниите во време на криза, бидејќи нивниот развој значи стабилна економија.

„Ние од почетокот на минатата година донесовме мерки во износ од 760 милиони евра коишто според Светска Банка сме оценети како земја со најголем пакет на антикризни мерки во однос на сите држави во регионот. Со тоа обезбедивме пет пати пониска цена на електрична енергија за сите граѓани, не дозволивме ценовен шок, обезбедивме три пати пониска цена за електрична енергија за регулираниот пазар, односно за 72 илјади компании коишто вработуваат 98% од работниците во државата. Обезбедивме субвенционирана цена на електрична енергија за прехранбената индустрија во делот на производство на основни прехранбени производи како и за училиштата со цел одржување на непречена настава и за комуналните претприја со цел непречено снабдување вода во сите општини”, вели премиерот Ковачевски во интервју за МИА.

Економската криза не беше пречка за раст на минималната плата како и зголемување на пензиите.

„Минималната плата во моментов е 20.175 денари што ако го споредиме со минималната плата којашто беше во времето на претходната Влада, на ВМРО – ДПМНЕ, 8.000 денари е неколкукратно зголемување. Ако порано беа потребни четири ипол минимални плати за задоволување на една потрошувачка кошничка, сега се потребни 2,1 минимална плата за задоволување на потребата на една синдикална потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство. Во делот на пензиите исто така направивме историско зголемување на пензиите, само последното согласно со новата методологија којашто ќе важи од овој месец е 8,4% зголемување на пензиите. Тоа значи во една календарска година дека пензиите се зголемени за 16%. Со следното зголемување коешто следува во септември оваа година пензиите за овој период ќе пораснат за 25% што никогаш се нема случено во историјата”, вели премиерот Ковачевски.

Во текот на минатата година Северна Македонија има највисоко ниво на странски директни инвестиции во историјата, кои се над 700 милиони евра.

„Во делот на инфраструктурата за многу кратко време ќе започне изградбата на најголемиот инвестициски проект, коридорот 8, и коридорот 10д со вредност од 1,3 милијарди евра којшто ќе отвори можности за сите наши компании коишто се во делот на градежништвото да учествуваат во овој голем проект којшто ќе биде изведуван од страна на една од најреномираните светски компании Бехтел и Енка, кадешто конечно нашата држава ќе има за прв пат покрај коридор 10 и коридор 8 којшто ќе овозможи поврзување со Тирана, Драч и со сувото пристаниште во Драч”, рече премиерот Ковачевски.

Владините политики овозможија зголемено производство и на електричната енергија, но и трансформација на енергетскиот систем.

„За 50% е зголемено производството на електрична енергија, од државните производствени капацитети, сите се во функција и затоа во јануари којшто сите скептици и критичари сметаа дека ќе биде крах на енергетскиот систем во нашата држава, ние имавме практично вишоци и извоз на електрична енергија. Дополнително кризата ја искористивме и како можност за трансформација на енергетскиот систем и само од јануари минатата година до крајот на февруари оваа година, значи во мандатот на оваа Влада, во нашата држава се инсталирани 182 мегавати капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата во интервјуто говори и за случувањата во Охрид, каде Северна Македонија денеска е домаќин на дијалогот Белград – Приштина.

„Ова е најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот и тоа го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отпочнувањето на преговорите со ЕУ и преку тоа што нашата држава веројатно во најтешката година за Европа после Втората светска војна е земја претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација. Ова секако дека е од исклучителна важност за нашата држава со оглед на тоа дека ние сме пример дека низ дијалог и низ дипломатски средства во 21 век треба да се решаваат предизвиците помеѓу соседните држави“, рече премиерот Ковачевски во интервју за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот