Ковачевски: Во преговорите со Бугарија чувството беше „како некој со нож да ве сече во стомак“, но донесовме одлука за идните генерации

Фото: Слободен печат / Жарко Настоски

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во гостувањето на ТВ24 се осврна на преговорите со Бугарија и откри дека во тие преговори, од кои зависеше отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, чувството било „како некој со нож да ве сече во стомак“, но и дека донел одлука за идните генерации.

„Јас ќе бидам многу искрен со вас, јас бев тој кој што учествуваше во тие преговори со Бугарија, а со цел да почнеме преговори со ЕУ и јас го делам чувството на македонските граѓани во однос на целиот тој јавен дискурс, во однос на сите коментари коишто беа кажани, во однос на сите изјави кои што доаѓаат и допираат до нашите граѓани. Чувството коешто јас го имам, е чувството кое што го имаат нашите граѓани, во претходниот период кога се водеа тие разговори, преговори, па и пред тоа, е како некој со нож да ве сече во стомак, така го чувствував“, рече Ковачевски.

„Меѓутоа, на крајот на денот вие мора да донесете одлука, којашто е одлука за идните генерации. Јас секогаш кажувам дека помеѓу мене и лидерите на опозицијата, тука пред сѐ мислам на ВМРО-ДПМНЕ, на Левица и на некои нови сателити кои што се помеѓу нив појавуваат, политички партии, е во тоа што тие сакаат преку изјави за минатото, граѓаните да ги направат горди, ама на мала маса да седат сами, како што седевме 11 години. Јас сакам нашите граѓани со дигната глава, како Македонци, со чист македонски јазик, со заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел и да преговараме за полноправно членство во ЕУ“, додаде Ковачевски.

Премиерот рече и дека јасно ги искажува ставовите по однос на здруженијата што се формираат и носат имиња на соработници на фашистичкиот режим. Во однос на најавеното отворање на здружение со име „Цар Фердинанд“ оцени дека ваквите имиња на ниеден начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница.

Тој додаде дека Централниот регистар ја разгледува документацијата и поради намерата на граѓани да формираат такви здруженија што ги нарушуваат чувствата и односите со соседна држава, е формирано телото во Владата, односно во Министерството за правда, што треба да оцени дали одредено име може да биде користено или не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот