Ковачевски: Владата ќе има средба со секого, но ингеренциите за јавниот превоз се на Град Скопје

Премирот Димитар Ковачевски / Фото: Фејсбук

Очекувањата на приватните превозници, чии автобуси повеќе од два месеци не се дел од јавниот превоз, дека доколку дојде до средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која тие би ги изложиле своите проблеми и би се нашло решение за долгот што кон нив го има ЈСП, се чини нема да го донесат резултатот на кој тие се надеваат.

Премиерот Ковачевски на денешната прес конференција не кажа децидно ниту дали ќе се сретна со нив, ниту кога, туку укажа дека ингеренциите за јавниот превоз се на Град Скопје.

Се работи за должничко доверителски односи помеѓу Јавното сообраќајно претпријатие и приватни превозници коишто имале договор за превоз со Град Скопје и со ЈСП. Државата нема никакви ингеренции во делот за јавниот превоз во Скопје ниту во било кој друг град во државата. Ние кажавме дека УЈП треба да провери за што точно се работи, да ги погледнат извештаите. Тие ќе мора меѓу себе низ законска процедура да ги дефинираат обврските и исполнувањето на обврските што ги имаат – рече Ковачевски.

Според него, ако Градот реши да се откаже од јавниот превоз, како што се откажа и од парното греење, тогаш државата ќе треба да ги преземе и тие ингеренции. На прашањето дали ќе има или не средба со приватните превозници, Ковачевски не даде конкретен одговор.

Владата ќе има средба со секого меѓутоа ингеренциите за јавниот превоз се во Град Скопје. Замислете ако има проблем во „Водовод. Чија ингеренција е снабдувањето со вода? Тоа е на Градот Скопје. Замислете ако кажат ние не сме задолжени за снабдување со топлинска енергија на граѓаните, немаме обврска за превоз, утре да кажат и за вода, тогаш зошто сме правеле децентрализација во државата? Ние сега ќе се враќаме чекор назад од децентрализација наместо да одиме чекор напред? – праша Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот