Ковачевски: Вечерва на протестите се подготвува нешто што не доликува на една земја-членка на НАТО

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски / 30 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На протестот против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, кој е најавен за вечерва пред Владата, МНР и Собранието, „се подготвува нешто што не доликува на земја-членка на НАТО“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, повикувајќи се на информации од МВР.

„Ние сме демократско општество во кое секој граѓанин може да го изрази својот став. Но, тоа треба да биде во рамки на законите. Со качулки, со повредување на полицајци – тоа е недозволиво за земја која е членка на НАТО и сака да стане дел од ЕУ“, рече Ковачевски, потенцирајќи дека синоќа се повредени четворица полицајци на протестите пред Владата кога беше урната заштитната ограда.

Протестите, организирани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, продолжија и денеска за време на прес-конференцијата на Ковачевски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Владата. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, беше во првите редови на протестите вчера и претходните денови.

Ковачевски рече дека она што се случува пред владината зграда е организирано од политички партии кои јасно застанале против членството на земјата во НАТО и ЕУ и истакна дека не смее да се повтори 27 април 2017 и организираниот напад на Собранието.

„Секој може да протестира, но не му се криви ниту полицајците, ниту пак владината зграда“, рече премиерот.

Тој повтори дека новиот француски предлог е во целосна согласност со Резолуцијата во Собранието, и дека во секој поглед доследно се држат до државните позиции во преговорите со Бугарија.

„Го штитиме јавниот интерес и македонскиот национален идентитет“, рече Ковачевски и најав дека ќе биде објавен и билатералниот протокол на меѓувладината комисија за исполнување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Македонскиот јазик во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти. Го добивме она за што со години се бориме – чиста формулација на македонскиот јазик. Ние Македонците сме горди на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти. Македонскиот народ никој никогаш нема да го асимилира и тоа е факт“, рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот