Ковачевски: Соработката меѓу Холандија и РС Македонија е на највисоко ниво

Средба Ковачевски-Коп/ Фото МИА.мк

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими амбасадорот на Холандија во нашата земја Јан Дирк Коп, кој на премиерот и на новата Влада им посака успех во претстојниот мандат.

Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, на средбата во Владата ја истакна интензивната соработка меѓу Северна Македонија и Холандија на највисоко ниво во последните години со што се зацврсти пријателството меѓу двете земји на билатерален план, како и на планот на поддршката на евроинтеграцискиот процес на нашата земја.

Заемното партнерство, беше нагласено на средбата, се остварува на исклучително задоволително рамниште од двете страни со постојано исполнување на Декларацијата за партнерство и соработка што двете земји ја потпишаа во 2017 година.

Амбасадорот Коп покажа посебен интерес за средбата на премиерот Ковачевски со неговиот колега Кирил Петков од Бугарија и изрази надеж дека обновената комуникација меѓу двете влади ќе го поттикне очекуваниот напредок во процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ со одржување на првата Меѓувладина седница за отворање на поглавјата.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека како земја што има стриктен пристап кон објективното вреднување на пристапните критериуми, поддршката на Холандија е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда, Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот