Ковачевски: СОНК брзо да ги прифати условите, покачувањето на платите од 15 отсто е историско

Димитар Ковачевски/ Фото Влада на РСМ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски вечерва преку Фејсбук упати апел до СОНК брзо и целосно да ги прифати условите договорени денеска во преговорите со МОН.

„Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15 отсто, почнувајќи од септемвриската плата.

Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21 отсто зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието. До пред само 5 години, максималното зголемување на платите беше 4 отсто, без глобални кризи.

Сега, во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај огромното процентуално зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата како и други придобивки. Воедно, ќе се дефинира методологија за континуиран раст на платите, со што ќе се заштити стандардот на наставниците и ќе се овозможи континуирано зголемување на плата без потреба од дополнителна владина, институционална или политичка интервенција.

Апелирам до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност. Да може институциите да продолжат со конкретни активности за спроведување на овој историски раст на платите во образованието“, напиша премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот