Ковачевски: Со единицата „Тигар“ нашата земја има подготвен и функционален систем за национална безбедност
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на свеченоста по повод одбележување на денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „САЕ – ТИГАР”.
На свеченоста присуствуваа и Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска – министерка за одбрана, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски – началник на Генералштаб на Армијата на Република Северна Македонија, Виктор Димовски – директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу – директор на Агенцијата за разузнавање, и други високи претставници на Министерството за внатрешни работи и на останатите министерства, како и во присуство на високи гости од дипломатскиот кор во земјата.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека оваа свеченост е во чест на значаен ден од историјата на нашите безбедносни единици, и дека Специјалната антитерористичка единица денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал.
„Припадниците на оваа единица се олицетворение на професионалност. Единицата Тигар, како колектив е збир на максимално посветени, врвно обучени поединци, со максимална храброст и подготвени да се спротивстават на секој предизвик кој може да биде закана за безбедноста на земјата и граѓаните”, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.