Ковачевски: С. Македонија ќе ја забрза постапката за прием на Финска и Шведска во НАТО

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кој го нагласил „единството и одлучниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници“.

Како што соопштија од владината прес-служба, за време на разговорот премиерот Ковачевски рекол дека Република Северна Македонија го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.

Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, се додава, премиерот Ковачевски во разговорот со Столтенберг „ја поздравил иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и додал дека „Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји“.

-Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО, и го потенцираше успехот на воената вежба „Брз одговор 22″ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата, се наведува во соопштението од Владата.

Во телефонскиот разговор со Столтенберг, се посочува и дека премиерот Ковачевски ја изрази и неговата и поддршката на Владата на Република Северна Македонија за покажаното лидерство и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар во овие исклучително сложени околности предизвикани од воената агресија на Русија на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот