Ковачевски: Република Бугарија е прва која ја има признаено нашата држава

Димитар Ковачевски во Собрание / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Разговорите со Бугарија за политичките прашања од наша страна се водат во духот на европските вредности, при што за идентитетските прашања на македонскиот народ не се разговара, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека ние сме македонски народ кој зборува македонски јазик, што е запишано во нашиот устав.

Република Бугарија, вели Ковачевски, е прва држава која ја има признаено нашата држава како таква.

– Во однос на другите прашања кои се разговараат, нормално кога ќе има напредок и кога ќе се дојде до решение кое е прифатливо тоа ќе се сподели со јавноста, но и со институциите коишто ќе бидат задолжени за одобрување на едно такво решение, рече Ковачевски во интервју за Сител, нагласувајќи дека сите разговори кои се водат со Бугарија најтранспарентно се споделуваат со јавноста.

Прашан дали декларацијата за Гоце Делчев предложена од опозицијата ќе штети на овој процес, Ковачевски нагласи дека неговото дело не треба да биде предмет на декларации.

– Гоце Делчев основополжник на македонската национална борба. Неговите идеали од 1900-те години се реализирани со независна македонска држава во која ние денес живееме, која е членка на НАТО и која е на чекор од отпочнување на преговори и одржување на прва Меѓувладина седница со ЕУ. Тој е дел од нашата химна, неговите мошти се наоѓаат во Скопје, рече Ковачевски.

Декларацијата, според него, е направена само од политикантски и дневнополитички причини за да може опозицијата да има тема со која „ќе ги попречува разговорите”. Додава дека таа декларација не била поддржана од ниту една партија во Парламентот.

– Доколку ја погледнете во суштина таа Декларација, таа прави само одбележување, некаква форма на одбележување која е работа на институтот за национална историја. Втора работа, таа е направена само од политикантски и и дневнополитички причини да може опозицијата да има тема за која ќе разговара, тема со која ќе ги попречува разговорите и тема со која ќе креира атмосфера на недоверба како што ја имавме во годината што измина. Видовме дека таа декларација ниту една партија во парламентот не ја поддржа, порача Ковачевски.

Додаде дека во последниот период преку работните групи помеѓу двете влади на Северна Македонија и Бугарија, и другите институции од реалниот сектор, се гради атмосфера на доверба меѓу двете држави и меѓу граѓаните на двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот