Ковачевски-Радев: Низ дијалог до решенија кои ги почитуваат европските вредности и достоинството на двата народа

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија оствари средба со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, на која изрази надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски бил придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Премиерот Ковачевски изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.

Ќе се залагаме за дијалог, рекол Ковачевски, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија.

-Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија, истакнал премиерот.

Во разговорот било истакнато дека средбите на високо и највисоко ниво испраќаат силна и јасна порака до јавноста и во таа насока премиерот Ковачевски и претседателот Радев се согласија дека свој придонес во таа насока се очекува и од сите идни средби на највисоко политичко ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот