„За да види народот дека се работи за искрена намера“: Ковачевски „братски“ ѝ понудил на ВМРО-ДПМНЕ половина од министерствата на СДСМ

Фото: Алсат / 360 степени

„Сите предлози на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се прифатени и сега дијалогот за процесот важен за европската иднина на државата треба да продолжи“, рече вечерва премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на телевизија „Алсат“.

„Гледајќи го дискурсот којшто го имаше ВМРО-ДПМНЕ, сфатив дека тие сакаат да бидат дел од власта, дел од процесот, и сметам дека треба да се понуди едно широко обединување на македонската поличка сцена, бидејќи овој процес на евроинтеграции е широк општествен процес, на целото општество, за сите граѓани. И затоа понудив ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата, прво да го отвориме Уставот со две третини сите заедно, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и тоа 50% од министерските места кои што ги има СДСМ, да ѝ ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека тоа е најфер, братски, пола-пола, за да може да види народот дека се работи за искрена намера“, рече Ковачевски.

„И дополнително, што е исклучително важно, и условот што го имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во таа Влада од нему познати причини, да не учествува партијата ДУИ, исто така беше прифатен на самата прес–конференција, преку соопштение на ДУИ. Со тоа сметам дека сите барања коишто беа поставени, во текот на целиот изминат период,се исполнети во делот на опозицијата, тие го сменија својот став и дури, со оглед на тоа дека процедурата овозможува, уставните измени коишто ќе се направат, да важат од моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција“, вели премиерот.

Тој додаде дека сите политички субјекти треба да се обединат и да ја обезбедат европската иднина на државата.

„Ова не е борба за власт, ова не е борба за политички поени, ова не е борба за рејтинг до избори, туку ова е практично, работа за носење на одлука која што ќе овозможи Северна Македонија да го продолжи својот европски пат и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ“ заклучи Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот