Ковачевски: Нема одложување на уставните измени

Ковачевски во Собранието на РСМ/Фото: МИА

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека нема да има одложување уставните измени. Не одговори кога ќе биде формирана комисијата која ќе работи на уставни измени. Само повтори дека тимот за подготвка на уставните амандмани ќе биде формиран во Министерството за правда, како и дека во него ќе членуваат врвни експерти од областа уставното право и правото и претставници на политичките партии бидејќи, како што кажа, за овој процес е потребен широк политички и општествен консензус.

Уставните измени нема да се одложат, со формирањето на групата и нивната работа ќе започне процесот што потоа ќе влезе и во процедурите пропишани со закон, изјави денеска Ковачевски при посетата на групацијата „Везе Шари“ во тетовско Џепчиште.

Верува оти државата има капацитет, пред се демократски, но и европски.

Оваа одлука што е потребна за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата кој е подготвен заради лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес што значи обезбедување на полноправно членство во ЕУ кој со себе носи зголемени инвестиции, работни места, плати, повисок животен стандард, врвни институции и врвно европско законодавство.

Граѓаните, како што вели, заслужуваат да живеат во ЕУ, но тука во својата држава, а не во туѓина.

Во моментов, приоритет за Владата е вметнувањето на сите заедници кои живеат во Македонија, вклучително и Бугарите. Идејата на министерот за правда Кренар Лога да се отвори и прашањето за формулацијата „20 отсто“ во Уставот и нејзина замена со „албанскиот јазик“, вчера беше одбиена од премиерот Ковачевски, како и од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени.

Нашиот став е јасен, а тоа е дека сме против уставни измени, еве нека ги поднесат во Собрание и ќе видат како ќе поминат. Апсолутно ставот на ВМРО-ДПМНЕ е ист и е непроменет. Ставот е јасен, цврст и непоколеблив, а тоа е дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и никој од нас на изборите во 2020-та година не вети дека ќе прави уставни измени, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Премиерот Ковачевски вчера порача до опозицијата дека е време да учествува барем во еден процес во државата којшто е стратешки.

Политчарите треба да бидат одлучни, треба ба да носат одлуки коишто обезбедуваат подобра иднина. Верувам дека со вистински одлуки, а не со криење на опозицијата како што правеше досега, дека ние до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ. Убеден сум дека во ВМРО-ДПМНЕ има политичари коишто имаат европска визија и храбртост да го поддржат европскиот пат на државата, додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот