Ковачевски најави реформирана, деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација

На седницата на Советот за реформа на јавната администрација, на која присуствувале претставници на Владата и на владиниот Генерален секретаријат, експерти, премиерот Димитар Ковачевски ја соопшти јасната определба за ефикасна и професионална јавна администрација, што е предвидено во Нацрт текстот на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 година и побара проактивно работење веднаш, за ефикасна реализација.

– Реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети на Владата, но сега се издигнува како прашање од исклучителна важност и за процесот на преговори со Европската Унија, со оглед на фактот дека е една од клучните области од Кластерот Основи. Како што сите веќе знаете, јас го изразив моето очекување Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија до 2030 година. И ова е остварливо, доколку секој покаже државничко однесување во периодот пред нас. Секако дека на тој пат има политички предизвици што треба да се решаваат и ќе ги решаваме, порачал Ковачевски, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Но, според него, тоа не значи и не смее да значи дека реформите може и треба да чекаат. Напротив, реформата во јавната администрација мора да се спроведе, не само како услов за ЕУ, туку пред сѐ поради квалитетот на живот на граѓаните дома, во нашата држава.

– На сите ни е јасно дека има уште многу да се сработи на овој план. Ефикасна јавна администрација е очекување на граѓаните. И зборувањето, плановите, предлозите, конечно мора да се операционализираат на ниво на функционални решенија, односно напорите за подобрувања во оваа област, да почнат да даваат видливи резултати. Сѐ додека тоа не се случи, ние можеме да велиме дека многу е работено и сработено, но незадоволството ќе постои – и кај граѓаните и кај бизнис заедница, рекол Ковачевски.

Според него, изостануваат резултати коишто би ја подобриле перцепцијата кај јавноста дека има значителни подобрувања што им ја олесниле достапноста до институциите или ефикасноста во добивањето на услугите.

– И тоа се однесува за институциите како на централно ниво, така и на локално ниво. Менталитетот е нешто што не се менува преку ноќ. Но, тоа што зависи од сите нас – од Владата, од локална самоуправа и од другите, по Устав независни власти, законодавната и правосудната власт – тоа мора да го направиме, им порачал на присутните Ковачевски.

Очекува, кон остварување на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација, што обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис заедницата, веднаш да се премине во остварувањето реформите.

– Реформирана јавна администрација, согласно начела и вредности суштествени за европскиот административен простор, којашто придонесува кон одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба – е очекување од Република Северна Македонија во периодот до кога се очекува државата да стане полноправна членка, па и понатаму. Ова е неопходност, бидејќи директно го засега квалитетот на живот на граѓаните, како и работата на приватниот сектор дома – и повеќе нема простор за „ќе”, истакнал премиерот Ковачевски, додавајќи дека приоритетни цели мора да бидат деполитизирана и професионална јавна администрација и следствено на тоа воспоставување на кохерентен систем на плати и реорганизирани и оптимизирани институции, со зајакнат интегритет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот