Ковачевски најави инвестиции за развој на локалната инфраструктура

Фото Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска го презентираа Проектот за поврзување на локалните патишта, што се реализира од Министерството за транспорт и врски, со поддршка на Светска банка, а чија цел е подобрување на патната инфраструктура.

Ковачевски истакна дека преку овој проект, со 70 милиони евра се обезбедува подобра инфраструктура и се ги реконструираат локалните улици и патишта во сите 80 општини низ државата и Град Скопје.

-Ова е најкрупниот и најзначајниот проект за општините, каде со директна помош се подобрува инфраструктурата на локално ниво. Проектот се реализира од 2020 година и досега се опфатени над 90 улици во 44 општини. Согласно планот, вкупно за реконструкција се планирани околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини, до 2024 година. Развиена локална инфраструктура, значи и развиена економија, рече Ковачевски.

Тој истакна дека со овој проект се обезбедува подобра инфраструктура во општините, се олеснува животот на граѓаните, се подобрува урбаното живеење, се обезбедува локален економски развој, безбедност во сообраќајот и подобра комуникација меѓу граѓаните.

Ковачевски рече дека само преку пет поголеми проекти, меѓу кои и „Проектот за поврзување на локалните патишта”, инвестирани се над 250 милиони евра во општините.

Министерот Бочварски рече дека инвестициите во инфраструктурата се од клучно значење за економскиот раст и развој на државата, посебно ако тие директно се насочени кон општините заради локален економски развој но и подобрување на урбаното живеење на граѓаните.

Тој истакна дека рехабилитацијата на локалната патна мрежа е прв и основен приоритет за граѓаните, за економијата, но и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

-Токму преку овој проект ги нудиме и ги обезбедуваме сите овие приоритети.Особено сега во време на најголемата светска криза, кога има лимитирачки фактори во градежништвото, го зголемуваме капацитетот на општините и вбризгуваме повеќе финансиски средства во економијата, рече Бочварски.

Тој најави дека активно се работи на прибирање и обработка на нови проекти и до крај на годината се очекува да се објават уште неколку јавни повици.

Министерот Спасовски истакна дека за МВР, како непосредно практично инволвирана институција во делот на безбедноста на сообраќајот и тоа како е важно прашањето за квалитетно управување со безбедноста на патишта и подобрувања на капацитетот за управување со безбедноста на патишта на ниво на општините, односно локалните заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот