Ковачевски на лидерските ќе обезбедува 80 пратеници за отворање на Уставот

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Освен со Мицкоски, според информациите, Ковачевски за уставните измени планира да разговара и со Арбен Таравари, како и со претседателите на опозициските Беса и Алтернатива Билал Касами и Африм Гаши, кои ја условија поддршката за отворање на Уставот со промена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“

Премиерот Димитар Ковачевски во наредните 10 дена ќе има набиена агенда од состаноци со лидерите на опозициските, но и на владејачките партии, на кои ќе ја презентира Предлог-иницијативата за уставни измени, подготвена од работната група, и на кои ќе бара двотретинска поддршка за отворање на Уставот, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од власта.

Освен со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според информациите, Ковачевски за уставните измени планира да разговара и со владиниот партнер Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, како и со претседателите на опозициските партии Беса и Алтернатива Билал Касами и Африм Гаши, односно со лидерите што ја условија поддршката за отворање на Уставот со промена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“. Очекувањата се дека Предлог-иницијативата за отворање на Уставот ќе влезе во собраниска процедура до крајот на јуни.

Откако викендов Ковачевски најави, а Мицкоски прифати лидерска средба, но со своја агенда, премиерот и вчера изјави дека лично ќе ги предводи и предложи сите потребни одлуки за државата да го продолжи евроинтеграцискиот пат. Тој ги повика партиите и пратениците на сплотеност и заедништво за уставните измени.

„За државата во следниот период претстојат предизвици што ќе ја одредат нејзината иднина дали ќе тргнеме по патот на европските интеграции, по патот на стабилноста и економскиот просперитет или ќе останеме заглавени самите со себе. Еднаш раководството на државата во 2006 година реши да чека и чекаше од 2006 до 2016 година, не донесе ниту една стратешка одлука за државата. Кога поминаа тие 10 години, сфативме дека сме останале сами, изолирани. Ќе предводам и ќе ги предложам сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварување на втората стратегиска цел, а тоа е членство во ЕУ и се надевам дека сите политички партии, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за државата. Уште еднаш праќам порака и повик за сплотеност, за заедништво, обединување и издигнување над нашите политички и идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурен живот за сите нас и за идните генерации“,  рече Ковачевски.

Од Министерството за правда за „Слободен печат“ велат дека Предлог-иницијативата ќе ја достават до Владата на разгледување. Откако Владата ќе го усвои документот, тој од „Илинденска“ ќе биде доставен до Собранието.

Премиерот, и покрај условувањето на партиите од албанскиот политички кампус во пакет со внесот на Бугарите и други заедници во Уставот да се промени и формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“, верува дека не само пратениците Албанци, туку сите ќе гласаат за отворање на Уставот. Убедувањето дека ќе има двотретинско мнозинство за отворање на Уставот Ковачевски го темели на јасните пораки што досега беа упатени од сите претставници на ЕУ, како и од американскиот сенатор Крис Марфи кој предупреди дека неспроведувањето на уставните измени ќе влијае врз односите меѓу двете земји.

Иако експресно ја прифати поканата за лидерска средба, Мицкоски порача дека освен за националните интереси, на состанокот треба да се разговара и што ќе се прави по неуспешното спроведување на измените во Уставот. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вчера повика Ковачевски ден поскоро да го достави на гласање во Собранието прашањето за уставни измени за да се види дека нема мнозинство и да се распишат избори.

„Истовремено до Собранието да ја поднесе и потпишаната оставка. Со таков чекор Ковачевски ќе си ја реализира оставката, партиските комисионери нема повеќе да земаат скапи хонорари, а државата ќе спаси пари од буџетот од натамошни крадења на власта. Наводните експерти што работат на измени без мандат од Собранието се исполнувачи на партиски желби и идеи кои водат дури и до редефинирање на унитарниот карактер на Македонија. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, нема уставни измени под бугарски диктат. Тоа е и став на 90 отсто од народот, тоа е став и на дел пратеници од СДС“, рече Стоилковски и додаде дека македонските евроинтеграции нема да се претворат во асимилација и бришење на македонскиот идентитет, култура и историја.

Од партиите од албанскиот кампус кои ја условија поддршката за отворање на Уставот, вчера само од Беса ни изјавија дека нема да го сменат ставот.

„Нема да гласаме за отворање на Уставот ако нема промена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“. Власта нека се снаоѓа за двотретинско мнозинство“,  изјави за „Слободен печат“ пратеникот Фадил Зендели.

Беса брои двајца пратеници, Алтернатива тројца, „огнените“ тројца и Алијанса – осум пратеници. Од владејачката Алијанса за Албанците и од опозициската Алтернатива не одговорија дали ќе ги поддржат уставни измени. Условена поддршка за уставните измени со промена на „20 отсто“ упати и фракцијата на ДУИ.

Од фракцијата на ДУИ не одговорија конкретно дали ќе поддржат отворање на Уставот.

„Уставот не се отвора секој ден. Мислам дека веќе има разбирање и македонскиот блок дека понижувачки за Албанците е формулацијата 20 отсто. Само ДУИ се откажа, сите други политички субјекти – Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и ние сме да се укине формулацијата 20 отсто“, ни изјави Изет Меџити, пратеник и предводник на „огнените“.

По средбите на премиерот со Мицкоски и со лидерите на партиите на Албанците, како и од меѓународниот притисок ќе биде појасно дали Ковачевски ќе обезбеди 80 гласа за отворање на Уставот или освен што ќе остане без гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, дополнително ќе изгуби поддршка од најмалку 10 пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот