Ковачевски на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023 во Братислава

Премиерот Димитар Ковачевски денеска и утре ќе учествува на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023 во Братислава.
Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски ќе се обрати на панел сесија на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“, со фокус на регионалната соработка, интеграцијата на регионот во ЕУ и предизвиците за Европа од војната во Украина.
-Во рамки на агендата, премиерот Ковачевски ќе одржи билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со специјалниот претставник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, соопштија од прес-службата.
На форумот учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации.
Безбедносниот форум на Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18 издание на Форумот, има за цел да го потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедување на глобалната стабилност.
Во фокус на дискусиите на претстојниот Форум, учесниците ќе се фокусираат на три теми и тоа: натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.