Ковачевски: Мене ми падна честа да го бранам македонскиот идентитет пред светот

Димитар Ковачевски, фото: Принтскрин/Јутјуб

Не ни се потребни предвремени избори и нема да има, повтори премиерот Димитар Ковачевски од собраниска говорница, одговарајќи на пратеничкото прашање на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. Николовски го праша премиерот дали во Македонија се живее добро и дали е време за негова оставка и предвремени парламентарни избори во услови на континуирана национална катастрофа, со негирање на македонскиот идентитет, јазик, култура, традиција, народ, како и економска, енергетска и здравствена криза.

Ковачевки рече дека актуелната влада се грижи за националните интереси и за достоинството на сите граѓани, без разлика од која национална и верска припадност доаѓаат.

– Истото беше и во изминатиот период кога националните интереси се застапувани согласно резолуциите донесени во Собранието и тоа од сите членови на владата без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци или други. Тоа се покажа и минатата недела кога во Брисел на принципиелен начин ги искажавме нашите ставови пред целата Европска унија. Опозицијата молчеше кога неодамна европските народни партии (ЕПП) усвоија резолуција во која се вметнани негирања на историскиот и националниот континуитет на Македонците. Таму беа претставници на вашата партија и не видовме говор, прес-конференција или записник дека сте се спротиставиле на негирањето. Тоа ќе остане запаметено – рече Ковачевски.

Лесно е да се бранат националните интереси дома, додаде премиерот, а тешко е кога тоа треба да се прави пред 27 земји-членки на ЕУ.

– Некој треба тоа да го направи, како што го направив јас со моите партнери и со граѓаните. Сите граѓани се борат за својот идентитет, а на еден му припаѓа честа да го брани пред другите. Мене ми припадна честа да застанам и да го кажам тоа што го мислиме – потенцира Ковачевски.

Тој повтори дека Македонија не добила официјален документ од Франција, како предлог за преговарачка рамка.

– Кога се зборува за предлози, предлог е оној документ кој е официјално доставен, а таков француски документ не постои. Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика до мене доставуваше барања и добиваше одговор со потпис дека не постои документ кој е доставен до нас како прелдог. Во минатото постоеле разни предлози од ЕУ кои ги добивале називите според земјата која претседава, португалски предлог, сега француски. Секогаш го велам истото, а тоа е дека МНР е задолжено да разговара надвор и во ниту еден момент нема излезено надвор од своите надлежности. МНР е во целосна координација со мене, точно ги знаат позициите од собраниската резолуција и процедирите на ЕУ и нашиот став го презентираат пред нашите европски партери и пред САД, како држава со која имаме статешко партнерство, како и пред другите поддржувачи. Никому не му одговара кревање на тензии и ширерње на информации што не одгоцараат на реалноста. Народото е свесен за деструкцијата која произлегува од опозицицијата – одговори премиерот Ковачевски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика го покани премиерот Ковачевски на седница на комисијата, заедно со претходниот премиер Зоран Заев, актуелниот миниситер за надворешни работи Бујар Османи и неговиот претходник Никола Димитров.

– Има кревање на тензиите во македонско-бугарските односи и политики, имаме мобинг од страна на Бугарија. Седницата на која ве поканувам да има цел да го разгледа оној предлог што вие го одбивте во форма каква што е, за да се направи поголема слика кај сите парламентарни групи, со цел да имате посили позиции и помалку неодразбирања и да не се создава она што вие го именувате како хистерија на експери и кревање на тензии. Кај дел од овие актери што ги канам на седницата деновиве има јавни преписки кои не придонесуваат за поголема доверба и кохезивна политика кон Софија – рече Милошоски.

Премиерот Ковачевски возврати дека е добро да има јавни дискусии и дека не би било во ред да се се изолира поканата на неколку луѓе, туку дека Милошоски треба да ги покани и сите поранешни премиери и претседатели на држав и покрај тоа што, како што дофрли „еден нема да може да дојде, но може да му се направи допис“. Милошоски остана на намерата да ги покани министрите за надворешни работи од последните два мандата, како и Ковачевски и Заев.

– Мојата намера не е да правиме циркузијада, туку седница на која ќе се искажат најрелевантните актери кои учествувале во Договорот за добрососедство со Бугарија, од кога имаме надолен тренд и блокади. Целта би била да изградиме поцврста заедничка позиција која би била од корист за Македонија, но и за земјите-членки пријатели кои досега не дозволуваа билатералните прашања да влезат во преговарачката рамка. Во скоро време ќе упатам покани, а вие ќе  одлучите за степенот на јавност на таквата седница на Комисијата за надворешни работи – рече Милошоски.

Ковачевски повтори дека досега добивал нацрт-идеи за можното надминување на спорот со Софија за кои јасно укажувал дека не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет и кои вметнуваат билатерални теми во мултулатерални преговори со ЕУ во кои треба да се преговара исклучиво за мерит-систем.

– Уште еднаш повторувам дека историските прашања не може и не треба да бидат критериум за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ или која било организација. Преговорите мора да започнат со меѓувладина конфереција пред да бидат почнати уставните измени за внесување на Црногорците, Хрватите и Бугарите во Преамбулата. И трето, ЕУ и Бугарија да достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во нашиот процес на пристапување. Ако има согласност, ние сме подготвени да почнеме преговори. Да повторам и дека како што секоја држава влегла во ЕУ горда и достоинствена, така и ние сакаме и треба да влеземе горди, со сите наши различности кои другите ќе ги почитуваат, како што и ние ги почитуваме – рече Ковачевски.

Зборувајќи за добрата регионална соработка Ковачевски поентираше дека со иницијативата Отоврен Балкан во која се и Србија и Албанија ќе се имплементираат четирите слободи на движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

– Сфативме со Рама и Вучиќ, на последниот самит во Охрид, дека Балканот е единствениот регион во Европа каде има граници. Мене ми е преку глава кога ќе ни дојдат и ќе ни дадат пари за да го подобриме граничното управување, тие кои немаат граници овде ќе ни кажуваат како да го подобриме граничното управување. Па, што ќе ни се граници, кому му требаат граници меѓу Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија? Па нагоре нема ниту една граница до Скандинавија, а ние овде имаме граница на секои 200 километри. Со Отворен Балкан нема тензии и разговори за мнатото, има само разговори за иднината – заклучи Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот