Ковачевски: Имаме план и стратегија и тие даваат резултати, медиумите да се воздржат од шпекулации

Ковачевски и Макрон / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција во Владата рече дека ставот за изменетиот француски предлог, кој денеска пристигна во Скопје, Владата ќе го соопшти откако за предлогот ќе има широка дискусија во општеството. Предлогот за почнување на преговори на С. Македонија за членство во ЕУ треба прво да ги помине „сите филтри“, рече Ковачевски.

Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски ја потврди информацијата која претходно ја објавија медиумите – дека историските и идентитетските прашања, на барање на македонската страна, во конечниот предлог биле исклучени од преговарачката рамка. Премиерот не откри повеќе детали од текстот на документот, кој уште вечерва ќе биде разгледан на владина седница.

„Официјалните ставови ќе ги поминат филтрите на сите засегнати институции, ќе следи широк консултативен процес со владината коалиција, а потоа со претседателот, опозицијата, парламентот, невладините организации, како и со севкупната јавност. Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме план и стратегија која дава резултат. Апелирам до сите политички актери и медиумите: да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации“, рече премиерот.

Ковачевски рече дека предлогот е усогласен со бугарската страна. Тој упати јавна благодарност до сите кои биле конструктивно вклучени во процесот досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот