Ковачевски: И по 1 јануари ќе има парно за граѓаните и гас за компаниите

Димитар Ковачевски, фото: МИА

Парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари, иако „Макпетрол” најави дека повеќе нема да испорачува природен гас до неговите корисници. Системот мора да функционира, а во енергетиката функционира затоа што согласно Законот секој кој користи гас има обврска да има и алтернативно гориво, токму поради вакви ситуации, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Уште од првиот ден на оваа Влада постојано работиме Градот Скопје да има парно и да има непречено снабдување со електрична енергија. Сметам дека во енергетска криза треба да има пристап кон работата кој не вклучува уцени. Тоа не е начин, ниту, пак, на тој начин се добиваат било какви резултати. Ниту јас работам по принцип на уцени, ниту, пак, граѓаните и економијата имаат какви било придобивки од таков пристап – рече Ковачевски.

Тој нагласи дека сите мора одговорно да се однесуваат во време на криза.

Либерализацијата на пазарот е неопходна и за тоа веќе долго време се разговара и тоа е неминовно дека ќе се случи еден ден. Парно за граѓаните ќе има и гас за компаниите ќе има. За таа цел утрово ЕСМ објави повик за прибирање на понуди од домашни и странски компании, кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребни количества на природен гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата – пред се поголемите производствени и услужни капацитети со дел од кои сум во директна комуникација со главните извршни директори – истакна премиерот.

Како што посочи премиерот, повикот на ЕСМ е од отворен карактер и во однос на количествата и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите. Се однесува за период од 1 јануари до 30 април 2023 година.

Според она што го имаме како информација во Владата од надлежните министерства, пред се од Министерството за економија, веќе имало заинтересирани снабдувачи на гас. Тие денеска водат разговори со Министерството за економија, а за кратко треба да започне и состанок во Регулаторната комисија за енергетика со клучните институции од енергетскиот сектор во државата – додаде Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот