Ковачевски и Мицкоски не можат да се договорат за лидерска, не пак за уставни измени

Средба на Ковачевски и Мицкоски/Фото: Влада на РСМ

Од „бетонираните“ позиции – на Ковачевски дека ќе бара поддршка за уставните измени за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава и на Мицкоски дека уставни измени нема да се случат – изгледа извесно дека лидерската нема да „обезбеди“ двотретинско мнозинство за отворање на Уставот.

Претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, не се согласија ни за темите за кои треба да разговараат на лидерската средба – првиот ќе бара поддршка за уставните измени, другиот ќе разговара што откако нема да успеат – ниту, пак, за форматот на состанокот. Откако првично Мицкоски ја прифати поканата на Ковачевски за лидерска средба, засега нема официјална потврда дали состанокот ќе се одржи, иако според информациите, таа сепак не е откажана.

Според информации на „Слободен печат“, лидерската средба требало да се одржи на 7 јуни, но ситуацијата се комплицирала по информацијата дека на неа ќе присуствуваат и експерти, иако првиот договор бил за тет-а-тет средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски и, евентуално, со присуство на по еден претставник на партиите. Зголемувањето на учесници според опозицијата значи разводнување на средбата.

Премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски веќе пратил покана до Мицкоски и лидерската средба би требало да се одржи на 7 јуни во Клубот на пратениците, а допрва ќе се уточнува кој се ќе присуствува на неа.

„На средбата ќе разговараме, како што кажав, за две клучни теми. Првата е одлуките што треба да бидат донесени за да продолжат евроинтеграциите на нашата држава, односно да обезбедиме глас за европска Македонија и, втората тема се однесува на соседите – пристапот што треба да го имаме како држава во градењето добри односи со сите наши соседни држави“,  вели Ковачевски.

Премиерот од Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија денеска порача дека сме исправени пред одлуката дали сме за Европа или за изолација. Тој кажа дека по вчерашните пораки на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон за евроинтеграцијата на Македонија, веќе на сите во земјава треба да им е јасно дека нова преговарачка рамка ќе нема и единствено сме исправени пред одлуката за внес на народи во Уставот.

„Нацрт-измените сега се во Министерството за правда, а откако ќе се одобрат на владина седница ќе бидат испратени во Собранието. Пред тоа јас ќе имам состанок со претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тим, каде што ќе го споделиме планот и со тоа сметам дека кај нас има капацитет, каков што и до сега имало, да се донесат вакви одлуки коишто ќе овозможат подобра иднина за нашите граѓани“, рече Ковачевски.

Мицкоски останува на ставот дека уставни измени нема да има и дека на лидерската средба (ако се случи) треба да се разговара што потоа.

„Ние, како политичка партија, немаме официјална покана од Димитар Ковачевски. Ниту имаме дневен ред според кој ќе се разговара, ниту предлог-формат за учесници… Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени, напишани по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба. Тоа значи дека не е искрена ниту неговата желба да се состанеме и да направиме вистински договор за иднината на оваа наша Македонија. Треба да дискутираме за нешто што е веќе напишано. Тие уставни измени лошо ќе завршат затоа што нема да добијат поддршка, но никој од власта не говори што потоа. Треба да видиме каков е планот за понатаму, бидејќи ние не можеме да ја заклучиме државата и да не знаеме што понатаму. Тоа што уставните измени ќе влезат во собраниска процедура е едниот дел од планот, но доколку не успеат логично е Димитар Ковачевски да даде неотповиклива оставка, да падне оваа Влада и се што следи потоа“, вели Мицкоски.

Од „бетонираните“ позиции – на Ковачевски дека ќе бара поддршка од опозицискиот лидер за уставните измени за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава и на Мицкоски уставни измени нема да се случат сега изгледа извесен исходот од лидерската дека таа нема да „обезбеди“ двотретинско мнозинство за отворање на Уставот.

Позитивни поместувања и компромис помеѓу Ковачевски и Мицкоски не очекуваат ниту политичките аналитичари. Но, без оглед на исходот на средбата тие сметаат дека дијалогот мора и треба да продолжи.

„Останувам внимателен оптимист. Невозможно е лидерите на најголемите политички ривалски партии да имаат ист политички став, тогаш би биле една партија. Изјавите и на Ковачевски и на Мицкоски кои ги испраќаат, ги гледам како нивни почетни позиции пред состанокот. На лидерската може да се согласат за одредени позиции, може да не се приближат за ниту еден став, но политичкиот дијалог треба да биде жив. Можно е да има и повеќе средби. Процесот за уставните измени може и да пропадне, но лидерите на најголемите партии повторно ќе треба да се гледаат“,вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Политикологот Синиша Пекевски лидерската средба ја оцени како лош пи-ар на власта.

„Средбата нема ништо да донесе и е само одвлекување на вниманието од битните работи во Македонија, договорот со „Бехтел и Енка“, состојбата во Судскиот совет, поставувањето неспособни кадри на директорски места… Ова е само лош пи-ар и театар од СДСМ. Ако велат дека имаат двотретинско мнозинство за уставните измени, чуму овие средби? прашува Пекевски.

И политичкиот аналитичар Марко Трошановски не верува во позитивен исход на лидерската.

„Ситуацијата требаше да се негува со време и консултативно со опозицијата. Сега не мислам дека е можен договор. Сепак добро е дијалогот да се одвива, но не на лидерски средби, туку во парламентот, бидејќи и последното истражување покажа дека Собранието е институцијата во која треба да се разговара за националните и за стратешките прашања“, вели Трошановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот