Ковачевски-Бербок: Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор кон евроинтеграциите

Фото: Влада на РСМ

Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор кон европските интеграции, е пораката од денешната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

На состанокот, како што соопштија од Владата заеднички е нагласено долгогодишното искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство, во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година.

Изразено е очекување дека ова стратешко прашање за државата и за регионот ќе биде во преден план на сите политички субјекти во земјава. Нагласено е дека е од суштинска важност за севкупниот геополитички контекст, целиот регион да продолжи да се движи на патеката на евроинтеграциите. И во таа насока е поздравена улогата на премиерот Ковачевски и на Република Северна Македонија, како фактор на дијалогот и стабилноста во Западен Балкан, се вели во соопштението.

Според Ковачевски, доаѓањето на Бербок е „уште еден важен момент за Република Северна Македонија“.

Направивме историски исчекор и ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ, во јули 2022 година, што означи почеток на квалитативно нова фаза во односите со Европската Унија, по 17 години од стекнувањето кандидатски статус и по бројните предизвици на патот кон полноправно членство во ЕУ, со активната поддршка на Германија, којашто особено беше клучна за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година. Денес таа поддршка повторно ја имаме и е од големо значење затоа што Германија ужива голема репутација и длабока почит меѓу нашите граѓани, рече премиерот за време на средбата.

На средбата се говорело и за соработката со Германија на економски план.

Германија е прв трговски партнер на Северна Македонија во последните години, петти странски директен инвеститор во земјава, во којашто работат околу 200 германски компании, дека 45 проценти од вкупниот македонски извоз оди во Германија, како и дека големата македонска дијаспора во Германија е уште еден цврст мост во меѓусебната соработка, било истакнато на средбата.

Поздравена е и 100-процентната усогласеност на надворешната политика на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Како што информираат од Владата, Ковачевски потенцирал дека Северна Македонија е подготвена и како претседавач со ОБСЕ да придонесе во процесите за поголема стабилност во севкупната европска безбедност.

Политиката на проширување најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста во нашиот регион, за подобрување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи, оценил тој.

Ковачевски и Бербок говореле и за значењето на Берлински процес како движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво и како иницијатор на акционите планови за Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и Зелената агенда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот