Ковачев: Не го менуваме ставот кон македонското прашање, Мицкоски ја оддалечува европската перспектива на Скопје

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев / фото: Википедија

Нема причина за промена на бугарската позиција кон Македонија. Позицијата на Софија не зависи од промената на власта кај нашиот југозападен сосед, вели за бугарската новинска агенција БГНЕС европратеникот Андреј Ковачев.

Според него, не може да има промена во нешто што веќе го кажале.

-За нас важни се имплементацијата на Договорот за добрососедство од 2017 година, недискриминација на граѓаните кои ја декларираат својата бугарска припадност, говорот на омраза, манипулацијата и фалсификување на историјата. Тоа се темите кои не само што мора да се решат, туку и да се гарантираат за нас. Тие се исклучително европски бидејќи се поврзани со европските вредности на недискриминација и толеранција. Не можеме да очекуваме промена на бугарската позиција во однос на овие теми, рече Ковачев.

Тој нагласи дека ставот на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ не зависи од промената на власта во Скопје.

Ковачев вели дека внимателно ги следи политичките процеси кои се случуваат во Македонија.

Тој го предупреди лидерот на опозицијата Мицкоски дека неговите постапки дополнително ја оддалечуваат европската перспектива на Скопје.

-Сведоци сме на изјавите на Мицкоски, кој неодамна изјави дека доколку стане премиер, ќе го осуди Договорот со Бугарија. Ова во никој случај не го поддржува европското членство на PCM. Набљудуваме и поединечни градови во Македонија, каде мнозинството од ДПМНЕ одлучија да го вратат името Република Македонија, што пак доведува до проблеми со Договорот од Преспа и нервоза кај Грците, рече Ковачев.

Тој посочи дека во самата влада на Зоран Заев нема консензус.

-Додека Никола Димитров е многу провокативен и ја искривува бугарската позиција, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обидува, иако прилично деликатно, да испрати позитивни сигнали дека граѓаните кои се изјаснуваат за својот бугарски идентитет треба да имаат исти права, да не бидат дискриминирани и мора да имаат пристап на јавната администрација. Тоа се сигналите кои говорат за различности во самата влада, вели Ковачев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот