Котевска и Стефанов: Ќе продолжиме како со „Медена земја“, ќе правиме филмови со кои сакаме да кажеме нешто важно

Уште од почетоците на снимањето на „Медена земја“ сфативме дека ова ќе донесе голема промена и не знаејќи до каде ќе стигне филмот, самото снимање за нас беше една огромна авантура и имаше многу предизвици и многу нè промени. Дознавме колку многу неисцрпни теми има нашето поднебје, работи што можеби само ги одминуваме во нашето секојдневие, а вредат да се погледнат одблиску, велат режисерите на „Медена земја“, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во „Утрински брифинг„ на „Слободна ТВ“.

-Живееме во време кое глобално е ужасно и од политички, од социјален и од аспект на животната средина, тоа се теми кои се важни. Има значајни теми како никогаш порано и документарниот филм денес е веројатно вистинскиот медиум за да се проговори за тие теми и да бидат испратени како порака. Од друга страна, документарниот филм е понезависен од студија во смисла на продукција, можеш да снимиш филм како што ние што го снимивме „Медена земја“ со тоа што имаш во ранецот, без притисок, како пари, време…и ти дозволува да го донесеш на пофилмско ниво-вели Стефанов.

Негов следен проект е анимиран филм во чиј фокус се околу 20 милиони луѓе кои се раселени низ светот заради климатските катастрофи и промени. Нивниот број е поголем отколку на луѓето што бегаат од војни. Тие немаат соодветен правен статус во земјите кадешто се наоѓаат.

Следен проект на Тамара Котевска е игран филм за генерацискиот конфликт, за јазот помеѓу застарените вредности и модерниот живот.

-Почнав да истражувам тема како за документарен филм, но се покажа дека ќе биде подобра во играна форма. Не треба да се тргнува од некои недостижни стандарди, туку да се почне да се работи со тоа што го имаш на располагање, во однос на приказна и ресурси и да веруваш дека од тоа можеш да извлечеш максимум- вели Котевска.

-Не треба да се занимаваш со филм само заради филмот, туку само ако имаш идеја што сакаш да ја кажеш-рече Стефанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот