Косовското Собрание нема кворум за ратификација на меѓународни договори

Собранието одлучи за договорите да се расправа на првата наредна седница.

Собранието на Косово денеска повторно не успеа да ратификува пет меѓународни договори, во вредност од над 60 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

За ратификување на договорите беа потребни 81 глас од 120-члениот парламент, меѓутоа на гласањето, по  неколкучасовната дебата, не присуствуваа пратениците на опозициските Движење самоопределување (ВВ) и Демократската партија на Косово (ПДК).

Во собраниската сала, кога требаше да се гласа, останаа само 58 пратеници од партиите од владејачката коалиција, предводена од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на премиерот Авдулах Хоти.

За изгласување на договорите повика и собраниската спикерка Вјоса Османи, иако таа претходно силно се противеше на уривањето на владата на лидерот на ВВ Албин Курти и формирањето на новата, предводена од нејзиниот сопартиец Хоти.

Таа порача дека доколку истече рокот на договорите со Светската банка, кои се активни само до крајот на овој месец, Косово ќе изгуби многу, вклучително помошта за борба против Ковид-19.

– Што се однесува до овие договори, јас им должам на граѓаните да гласам „за”. Ова нема врска со политичките ставови. Секој договор ќе го има мојот глас, кога се работи за доброто на Косово. За такви прашања е потребна соработка, рече Османи.

Собранието одлучи за договорите да се расправа на првата наредна седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот