Косовските политичари да учат од грешките на Милошевиќ

Албин Курти / Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Умешноста да се предвидат состојбите е дел од аналитичката наука, и исто така е нераскинлив дел од политичките процеси. Оној кој на најдобар начин ќе ги проектира идните процеси има и најдобра шанса да се спреми за сите предизвици, вели простата логика. Но случувањата на Косово во изминатите години како да и противат на логиката и многу повеќе потсетуваат на класичниот балкански самоубиствен инает.

Во последниот твит на Ричард Гренел како доскорешен пратеник за Косово на екс претседателот Доналд Трамп прилично драматично се вели дека “меѓународната заедница премногу му помагала на Косово за да дозволи на Албин Курти да го растури”.

Во овој вокабулар веднаш се воочува користењето на така тешки термини кои зборуваат за “растурање на Косово”, и да доаѓаат такви пораки од Москва или Пекинг би било разбирливо, но кога доаѓаат од Вашингтон тогаш нешто навистина е чудно. Но Гренел и во минатото не криеше дека не го сака Албин Курти и за него велеше дека е “антиамерикански” настроен.

Дали Гренел има лична пизма со Курти нека остане на база на претпоставки, но факт е дека Албин Курти ја загуби власта на Косово кога последен пат се спротистави на Американците и одбиваше да ги тргне царините за Србија и БиХ.

После изјавите на Курти за можното спојување на Албанија и Косово со уште поостра изјава се огласи и американскиот амбасадор во Приштина кој кажа дека “американските војници не гинеа ниту за Голема Албанија ниту за Голема Србија”. Повеќе од јасно е дека во последните години постојат се посериозни проблеми во односите меѓу Приштина и Вашингтон.

Слична тврда линија во однос на Србија демонстрираше и Рамуш Хајрадинај додека Хашим Тачи веќе одреден период се наоѓа во хашкиот затвор. Очигледно е дека стратегијата на српскиот претседател Вучиќ за одложување на решението за Косово паралелно со кампањата за повлекување на признавањата на државата ги прави косовски политичари се понервозни и понестрпливи.

20 години од бомбардирањето на Србија и создавањето на Косово, статусот на Приштина не е многу подобрен, а со последното признавање на Ерусалим како главен град на Израел, официјална Приштина е обвинета од турскиот претседател Ердоган дека и “забила нож во грб на Турција”.

Политичката неизвесност, ендемската корупција, невработеноста и економските проблеми ги тераат косовски политичари да прават избрзани чекори и тие на моменти играат несмасна одбојка наместо филигрански шах. И односите на Косово со ЕУ не се премногу добри но навистина зачудува обидот на некои косовски политичари да водат политика спротивна на американските препораки. Можеби таквиот начин на водење на држава би бил пожелен или препорачан за стандардните држави но за Косово водењето на инает со Вашингтон е рамен на самоубиство.

Токму тоа и сака да го каже Гренел кога вели дека “Курти ја води својата држава во распад”. Постојат држави во светот кои имаат проблем со меѓународната позиција, и освен Косово уште една таква држава е Тајван. Слободно може да се каже дека овие две држави се создадени согласно вољата на САД и постојат исклучиво поради геостратешките интереси на Америка. Затоа повеќе од луди се потези на косовски политичари со кои официјална Приштина се оддалечува од политиката на Вашингтон.

Несомнено е дека подршката на Америка за косовската независност не е намелена и таа ќе продолжи со несмален интензитет, но во исто време историјата не учи дека интересите се менливи а задача на политичарите е интересите на својата држава да ги сихронизираат со актуелните токови.

Доколку се навратиме во 90-тите години од минатиот век и направиме анализа на војните во поранешна Југославија ќе видиме дека меѓународната заедница не беше од почетокот “на нож” со Слободан Милошевиќ. Односот на САД и ЕУ кон Србија се менуваше постепено со зголемувањето на злосторствата и насилствата на српските паравојски, а Милошевиќ од миротворец во 1995 во Дејтон се претвори во легитимна цел во 1999.

Косовските политичари треба да учат од историјата сега, особено со многу умешната политичка симултанка на српскиот претседател Вучиќ, бидејќи на крајот на сите им е јасно дека за решение за Косово ќе мора да има компромис, а доколку не бидат мудри, косовските лидери можат да добијат многу погорчливо решение од она кое го очекуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот