Косовскиот суд осуди поранешен министер на две години затвор

Основниот суд во Приштина го прогласи денеска поранешниот министер за администрација и локална самоуправа на Косово Иван Тодосијевиќ за виновен за „поттикнување национална, расна, верска или етничка омраза, раздор и нетрпеливост” и го казни со затвор во времетраење од две години.

Како што јави дописникот на МИА од Приштинаповод за подигнување на обвинението беше негирањето од страна на Тодосијевиќ на хуманитарната катастрофа и масакрот во селото Рачак, кога по повод 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО на Србија, изјави:

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, а токму тие шиптарски терористи кои сето тоа го измислија чинеа најголеми злосторства на Косово и Метохија, за кои до ден денес никој не одговарал. Чинеа злосторства пред НАТО-агресијата, убиваа добри српски домаќини на своите работни места. Својот крвав пир го продолжија и во текот на агресијата и по доаѓањето на таканаречената мировна мисија на Косово и Метохија”.

Поради оваа изјава, косовскиот премиер Рамуш Харадинај во април годинава го разреши Тодосијевиќ од функцијата, а нешто подоцна беше подигнато и обвинение за споменатото кривично дело.

Судијата Муса Конџели, кој ја изрече пресудата, рече дека казната затвор ќе се изврши откако пресудата ќе стане правосилна и најави дека нејзиното образложение ќе го достави до страните во законски предвидениот рок во писмена форма.

Адвокатот на Тодосијевиќ, Небојша Влајиќ во изјава за порталот на српски јазик „Косово Онлајн” ја оцени пресудата како „скандалозна” и најави жалба.

Пресудата е скандалозна. Таква казна за вербален деликт не постои дури ни во стара Југославија и тоа кажува каква е состојбата и човековите права и слободи во Косово, особено за малцинствата, изјави Влајиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот