Косовскиот министер за здравство бара затворање на границите поради коронавирусот

Косовска влада/ Фото: МИА

Косовскиот министер за здравство Арбен Витиа на денешната седница на Посебната комисија за спречување на коронавирусот во Косово, инофрмира дека Националниот институт за јавно здравство (ИКШП) препорача затворање на границите со соседните држави.

Според Витиа, ИКШП цени дека се уште нема место за паника, но оти е потребно да се зголеми нивото на готовност за справување со епидемијата која го зафати светот.

– Имајќи ја предвид епидемиолошата ситуација со Ковид-19 во последните денови и проценката на Светската здравствена организација, која цени дека епидемиолошката ситуација е со висок ризик во целиот свет, како и прогласувањето пандемија од страна на СЗО, се предлага затворање на границите со соседните држави. Институтот и Комитетот за следење на заразните болести при МЗ, поаѓајќи од мерките на Владата од 11 март, кои налагаат времено запирање на воздушниот и копнениот сообраќај кон и од земјите со висок и среден ризик до една наредна одлука, му препорачуваат на министерот за здравство да преземе конкретни дејствија во тој правец, изјави Витиа.

Тој рече дека, иако во Косово засега нема потврдени случаи на заразени од смртоносниот вирус, тие во секој момент можат да се појават, а Министерството и Владата ги преземаат сите потребни мерки за справување со можниот развој на настаните.

Витиа изјавата за новинарите ја даде на пауза од седницата на Комисијата за спречување на коронавирусот, со која претседава премиерот Албин Курти, кој предложи продолжението на седницата да се одвива без присуство на медиумите, а за одлуките јавноста ќе биде навремено информирана.

Курти изјави дека Владата будно ја следи ситуацијата со смртоносниот вирус и ги презема сите потребни мерки за справување со него

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот