Косовскиот јазол

Косово и Србија/ Фото Zoonar GmbH / Alamy / Alamy / Profimedia

Косовскиот јазол е многу заплеткан и има две опции – или да се „одврзе“ трпеливо, преку толерантен дијалог; или со брза леснотија да се пресече!

Деновиве во Приштина низ медиумите се лансира слоган: „Косовска војска ќе има, а заедница на српските општини не!“. На тој начин се предлага политика на „свршен чин“ и се додава масло во огнот на преговорите меѓу Србија и Косово, ако бидат обновени, а нивниот крај, за жал, не е на повидок.

Сето тоа е контрадикторно. Од една страна: Резолуцијата 1244 на ООН, донесена во 1999 година, не предвидува други вооружени сили на Косово освен КФОР; од друга страна – заедницата на српските општини е предвидена врз основа на два договори постигнати во Брисел во 2013 година и 2015 година, што ги усвои Собранието на Косово.

Очигледно е дека косовските власти, на својот простор, со поддршка на моќни спонзори, го прават она што им одговара, а немаат намера да го прават она што е нивна обврска. Белград предупредува на таквата ситуација и, во такви околности, не сака да седне на преговарачката маса.

Ситуацијата се промени

Аналитичарите во Приштина тврдат дека трансформацијата на безбедносните сили на Косово во армија е незапирлив процес и дека Србија не може да влијае врз тоа, бидејќи Собранието на Косово донесе пакет закони за таа трансформација. Индикативно е што ова се случи врз основа на т.н. „План Б“, односно законски, бидејќи поради противењето на српските пратеници, не беше можно да се гласа за уставните амандмани за армијата во косовскиот парламент. Албанците сметаат дека овие закони се логични затоа што ги надополнуваат државноста и суверенитетот на Косово.

Во Србија се претпоставуваше дека меѓународната заедница ќе почитува некои постоечки документи и ветувања дека процесот на милитаризација нема да биде дозволен без уставни измени, но ситуацијата јасно се промени. Точно, лидерите на НАТО и на некои други земји до неодамна бараа прво да се случат уставни измени, но на тоа веќе не се инсистира. Дозволена е можност за формирање на вооружените сили на Косово со измена на законската регулатива.

Според некои набљудувачи, ова може да биде само вовед и желба на одредени членки на Советот за безбедност на ООН, УНМИК и КФОР на крајот да се повлечат од Косово, така што во одреден момент косовската армија ќе биде задолжена за заштита на суверенитетот, независноста и безбедноста на граѓаните.

Меѓу надежта и стравот

Во Белград, ваквиот развој на настаните се смета за кршење на резолуцијата 1244 на ООН, како и недостаток на волја од албанска страна за правење компромис, што на крајот го загрозува процесот на преговори. Бидејќи заедницата на српски општини не е формирана, српските власти предупредуваат дека формирањето на косовската армија и нејзиното доаѓање на северот на Косово би било голем проблем и тешка состојба за Србија.

Како што сега стојат работите, формирањето на заедница на српски општини е во застој, бидејќи Уставот на Косово предвидува дека општините не можат да ги пренесуваат своите овластувања на други институции, вклучително и на заедницата, којашто вклучува општини со посебен статус, како што се оние со српско мнозинство. Уставниот суд е исто така против постоење на претседател на заедницата на српски општини кој ја претставуваат заедницата пред централните власти на Косово.

Во Косовска Митровица, пак, посочуваат дека формирањето на оваа заедница ќе им обезбеди на Србите да живеат и да работат во мир и да бидат заштитени од притисокот на мнозинскиот народ, додека во Приштина стравуваат дека оваа заедница може да биде своевидна „Република Српска“ на Косово, што би го довело во прашање функционирањето на централните власти.

Политичкиот аналитичар Агон Малиќи во изјава за Радио Слободна Европа оценува дека за Косово компромис „не може да биде нешто што ќе го направи како нефункционална држава“. Но, смета тој, „во рамките на компромисот може да се додадат многу елементи кои не се територијални“.

Две опции

Како што може да се види, косовскиот јазол е многу заплеткан и има две опции – или да се „одврзе“ трпеливо, преку толерантен дијалог; или со брза леснотија да се пресече!

Предноста, се разбира, ја има првата опција, но дијалогот бара волја на обете страни, без условување, ексклузивност и објективен пристап на меѓународните фактори. Сечењето на јазолот не треба да биде во ничиј план, бидејќи тоа е, суштински, невозможна мисија, чекор кон конфликт и далекусежни последици.

Дали сите оние во чии раце се наоѓа дефинитивното решение за овој регионален проблем, го имаат предвид сето ова?

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот