Косовски портал открива кога ќе биде отворен новиот граничен премин меѓу Косово и Северна Македонија

Фото: Профимедиа

Косовскиот портал „Газета Експрес“, денеска откри кога ќе биде пуштен во употреба граничниот премин „Велановце-Станчиќ“, меѓу Косово и Северна Македонија.

Според овие информации, новиот граничен премин ќе биде пуштен во употреба во август годинава, објави денеска порталот „Газета експрес”.

Информацијата за порталот ја потврдил официјален извор од косовското Министерство за внатрешни работи, наведувајќи дека досегашните одлагања за отворање на преминот биле поради тоа што Северна Македонија првпат отвора заедничка гранична точка.

– Ова е првпат во Република Северна Македонија да се отвора заедничка гранична точка, затоа што во тој правец македонската страна имаше недостиг на легислатива за реализација на проектот и беше потребно доста време за донесување на законската инфраструктура, поради што доцнеше имплементацијата – вели изворот на „Газета експрес”.

Иницијативата за отворање на граничниот премин потекнува од 2011 година, а неговата изградба, со финансиска помош од Европската Унија (ЕУ), почна во јуни минатата година, кога беше поставен камен-темелникот од страна на вицепремиерите на двете земји, Бујар Османи и Енвер Хоџај и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Приштинскиот портал наведува дека жителите на кумановскиот регион во Северна Македонија и гњиланскиот во Косово постојано се жалеле поради не реализацијата на проектот, затоа што биле принудувани да патуваат и по сто километри за, преку граничниот премин Блаце, да стасаат до местата на другата страна на границата, кои се инаку многу блиску едно до друго.

Отворањето на оваа гранична точка, пишува „Газета експрес”, има стратешко значење поради географската позиција која ги поврзува трите држави, Косово, Северна Македонија и Србија, од аспект на развојот на економијата и трговија, движењето на луѓе и стоки и друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот