Косовската Влада издвои 400 илјади евра за борба против коронавирусот

На денешната седница Владата на Албин Курти го разреши бордот на директори на јавното претпријатие „Железници на Косово – Инфракос”, како и оној на рудникот Трепча.

Владата на Косово на денешната седница издвои дополнителни финансиски средства за Министерството за здравство, наменети за борба против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерот Арбен Витиа, кој информира дека во земјата досега нема ниту еден случај на заразен со Ковид-19, побара 400.000 евра за набавка на заштитни средства за професионалниот кадар, во рамки на подготовките за соочување со евентуална појава на смртоносниот вирус.

Предлогот беше поддржан од министерот за финансии Бесник Бислими и изгласан едногласно од членовите на Владата.

На денешната седница Владата на Албин Курти го разреши бордот на директори на јавното претпријатие „Железници на Косово – Инфракос”, како и оној на рудникот Трепча.

Министерката за економија Розета Хајдари, во образложението на одлуката за разрешување на бордот на Железниците, рече дека тој извршил прекршување во однос на надлежностите и неоправдано доцнел во вршењето на задачите.

За бордот на Трепча, Хајдари рече дека носел одлуки кои се спротивни на интересите на тоа јавно претпријатие.

На денешната седница беа поништени и одлуките на претходната Влада, која ја водеше Рамуш Харадинај, за измена на фискалните политики за производство на тутун и за укинување на акцизата за домашните производители на тутун.

Министерот за финансии Бислими рече дека тие одлуки се неправедни и го пореметуваат пазарот.

Според порталот „Газета експрес”, претходната влада со тие две одлуки го фаворизираше советникот на екс-премиерот Харадинај, Газменд Абраши, кој е сопственик на тутунскиот комбинат во Гњилане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот