Косовската претседателка бара од ЕУ да ги осуди дестабилизирачките тенденции на Србија на Балканот

Вјоса Османи, претседателка на Косово/Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовската претседателка Вјоса Османи бара од Европската Унија „да биде погласна“ во однос на, како што ги нарекува, „дестабилизирачките тенденции на Србија во Косово и во регионот“ на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната средба со амбасадорот на Австрија во Приштина, Кристоф Веидингер, Османи нагласила дека Косово е посветено на мирот и стабилноста во регионот.

Во соопштението од претседателскиот кабинет се вели дека на средбата се разговарало за последните случувања во северот на Косово, каде што пред десет дена имаше протести и блокади од страна на косовските Срби, поради одлуката на властите во Приштина за промена на српските регистерски таблички со косовски и реципроцитет кон Србија во однос на личните документи при влез од едната во другата држава.

„Претседателката Османи нагласи дека институциите на Косово се посветени на продолжувањето на целосната координација со меѓународните партнери, како што се координираа и досега. Претседателката Османи побара ЕУ да биде погласна во однос на дестабилизирачките тенденции на Србија во Косово и регионот“, се вели во сооштението.

Османи му рекла на амбасадорот Веидингер дека Косово очекува поддршка од Австрија во процесот на визна либерализација, како и за зачленување во меѓународни организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот