Косово преку договор со Албанија излегува од енергетскиот систем на Србија

Енергетски систем / Фото: МИА

Косовските и албанските електродистрибутери КОСТТ и ОСТ потпишаа договор во Тирана за воспоставување заеднички енергетски систем кој ќе стави крај на децениската зависност на Косово од мрежата за електрична енергија во Србија, јавуваат косовските медиуми.

Договорот е потпишан со знаење на Европската мрежа на оператори на електропреносниот систем (ЕНТСО) и се очекува да стапи на сила во април 2020 година.

Официјален Белград сè уште нема коментар.

Извршниот директор на КОСТТ, Илир Шала рече дека со потпишувањето на договорот „Косово ќе се оттргне од Електромрежа на Србија (ЕМС) и ќе стане дел од ОСТ”.

– Ова е историски договор за Косово и КОСТТ, затоа што досега, како КОСТТ, ние бевме дел од регулаторниот блок на ЕМС (Србија, Црна Гора и Северна Македонија). Со потпишувањето на договорот и негово спроведување во април 2020 година, ние дефинитивно ќе се одвоиме од српскиот регулаторен простор и стануваме дел од регулаторниот блок со Албанија – рече Шала.

Генералниот директор на ОСТ Скерди Дренова рече дека договорот „создава поволни услови за оптимално користење на производните ресурси во рамките на блокот”, јавуваат косовските медиуми.

Србија и Косово потпишаа договор за управување со заедничката електро мрежа во 2015 година, но договорот никогаш не стапи во сила. Двете страни ја присвојуваат мрежата на Косово, изградена додека Косово беше дел од Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот