Косово и Србија се договорија за регистарските таблички

Фото: Архива на „Слободен печат“

Косово и Србија со посредство на Европската унија вчера постигнаа договор за регистарските таблички откако главните преговарачи од српска и косовска страна речиси два дена имаа одвоени билатерални преговори со специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Европската комисија потврди дека двете страни постигнале договор за спорот околу регистарските таблички.

– Претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува договорот постигнат по преговорите. Овој договор доаѓа додека претседателката ја финализира својата тура низ Западниот Балкан. Таа вчера се сретна со властите во Косово, а денеска во Србија и ги повика двете страни да постигнат договор што поскоро и да ја деескалираат ситуацијата, изјави вчера Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оцени дека постигнатиот договор во Брисел за регистраските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да се постигне” и дека тоа е добар резултат за Србија, иако дефинираше и одредени негативни аспекти од договореното.

– Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од кое сум задоволен и мислам дека е важен за нашата страна, изјави Вучиќ на прес конференција во Ниш, каде што претходно присуствуваше на почетокот на два проекти со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

„Двете страни се согласија да ја повлечат Росу од премините Јариње и Брњак истовремено со отстранување на барикадите на 2 октомври, од 8 часот наутро, а повлекувањето на Росу да заврши до 16 часот“, изјави Вучиќ.

Тој кажа дека КФОР ќе ги постави своите сили на Јариње и Брњак уште пред имплементацијата, кои ќе останат околу две недели со цел да се зачува безбедноста и слободата на движење.

Тој објасни дека на 4 октомври во 08:00 часот ќе биде воспоставен таканаречениот режим на налепници, како привремена мерка пред конечното решение.

– Конечното решение е одложено извесно време, за што ќе имаме разговори во Брисел, изјави Вучиќ, наведувајќи дека тоа го смета за голем успех за срспката страна.

Исто така, договорено е да се формира Работна група составена од претставници на ЕУ, Белград и Приштина, која ќе бара трајно решение за таблиците базирано на европските стандарди. Како што наведе, првиот состанок на Работната група е на 21 октомври во Брисел, а шест месеци по првиот состанок ќе се презентираат наодите.

Вучиќ кажа и дека е задоволен од постигнатото и оцени дека Белград реагираше одговорно и паметно и дека покажа дека секогаш ќе биде со својот народ.

– Властите во Белград јасно им ставија до знаење на меѓународните претставници и на НАТО дека доколку постои закана за безбедноста и КФОР не ја заврши својата работа во согласност со мандатот, ние самите ќе бидеме подготвени и способни да го спасиме нашиот народ, кажа тој.

Говорејќи за можните недостатоци на договорот, Вучиќ оцени дека еден од нив е дека веројатно до потешко решение ќе треба да се постигне во наредниот период, како и фактот дека во пракса таблиците издадени од српските власти ќе може да се користат само во северно Косово.

Од друга страна, Вучиќ рече дека договорот донел подобра ситуација од онаа пред 10 години, и дека останува да се види како ќе се преговара во наредниот период.

– Следната тема во дијалогот ќе биде Заедницата на српски општини (ЗСО), кажа Вучиќ, додавајќи дека е јасно дека секоја слична акција на Росу ќе наиде на реакција од Србите, додека враќањето на КФОР покажа дека е можно оствраување на дополнителна гаранција за српското население.

Тој додаде дека е јасно дека повеќе нема да има отстранување на пробните регистарски таблички или плаќање на пет евра за привремени регистарски таблички.

– Особено, нема да има отстранување на српските КМ таблички издадени од Белград за таа област, ниту прогон на лица кои ги имаат тие таблички. Ние,го одбранивме правото на слобода на движење и стока, кажа тој.

Вучиќ додаде дека не треба да се дејствува триумфално, но дека е јасно дека Приштина повеќе не може да дејствува исклучиво со политиката на свршен чин.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека, со договорот со српската страна за решавање на последниот спор по воведувањето на времените таблички за возилата кои влегуваат од Србија, Косово воспостави реципроцитет во однос на тој проблем, а со истото, како што порача, соседната држава ќе се соочува и во иднина.

Курти на својот Фејсбук напиша дека условите кои ги поставил српскиот претседател Александар Вучиќ за решавање на кризата по одлуката на Владата во Приштина за воведување времени регистерски таблички за возилата, се одбиени, по што Белград, како што вели, „ќе се навикнува на реципроцитет”.

– Минатата недела претседателот на Србија постави четири услови за средба во Брисел на нашите претставници. Нормално дека тие не му се исполнија и вчера се одржаа разговори во Брисел. Сега почнува епохата во која Србија ќе се навикнува на реципроцитет”, порача Косовскиот премиер.

Тој појасни дека, според договорот постигнат денеска во Брисел меѓу специјалните претставници на Приштина и Белград, со посредство на Европската унија, на возилата кои влегуваат од едната во другата држава ќе им бидат покривани табличките со соодветните државни симболи.

– Реципроцитетот на регистарските таблички е воспоставен. Бидејќи на табличките на Република Косово во Србија ќе им се покрива државниот симбол, и на сите таблички од Србија, без исклучок, ќе им се покрива нивниот симбол на територијата на нашата држава, напиша Курти.

Во врска со специјалните полициски единици кои беа распоредени на граничните премини со Србија, Јариње и Брњак, по воведувањето на реципроцитетот со табличките, Курти информира дека тие ќе се повлечат по укинувањето на блокадите од косовските Срби.

– Специјалната единица на Полицијата на Косово замина во Јариње и Брњак на 20 септември за да ги брани премините и пограничната полиција од тие кои ги блокираа патиштата и слободниот проток. Со оглед дека тие ќе се оддалечат, нашата специјална единица нема зошто да остане таму, а ќе биде секогаш спремна за интервенција при секое такво или слично загрозување во иднина. Нормално, нашата погранична полиција и натаму ќе го спроведува реципроцитетот со табличките. КФОР ќе бие таму, околу две недели, за сé да биде безбедно, порача Курти.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, побара од Владата на Косово да го објави текстот на договорот за регистарски таблички. Харадинај напиша на Фејсбук дека „ако е точно дека владата се согласила да се однесува кон северот поинаку од остатокот на Косово, за нас е целосно неприфатливо и казниво”. Тој нагласи дека „не може да се влијае на унитарниот карактер на државата”.

Лидерот на ААК изрази огорченост од изедначувањето на Специјалната полиција на Косово со, како што рече, „криминални групи што ги блокираа патиштата на север”.

– Договорот за КФОР да ја преземе контролата врз одржувањето на редот на северот, кога тоа е ексклузивна надлежност на државните агенции за спроведување на законот и кога мисијата на КФОР е воена, претставува назадување и отстапка за Србија со сериозни последици за Косово, оцени Харадинај.

Тој побара од премиерот Албин Курти да им го објасни на луѓето „секој детал” од договорот и „итно да поднесе извештај” пред собранието на Косово.

– Никој нема мандат да потпише каков било договор што би можел да биде спротивен на суверенитетот на земјата, посочи Харадинај.

Албанската министерка за Европа и надворешни работи , Олта Џачка на фејсбук напиша дека Албанија го поздравува постигнатиот договор во Брисел меѓу Косово и Србија и смета дека продолжувањето на дијалогот е во интерес на соработката.

– Албанија го поздравува договорот постигнат во Брисел меѓу Косово и Србија. Продолжувањето на дијалогот е единствениот начин да се оди напред во духот на соработката, на која Албанија е неповратно посветена, во нејзините билатерални и мултилатерални напори, напиша Џачка.

Договорот го поздрави и лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, оценувајќи дека ова е важен чекор за намалување на тензиите и еднаков третман на граѓаните од двете страни на границата.

– Го поздравувам договорот постигнат денеска меѓу Косово и Србија со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Ова е важен чекор за намалување на тензиите и еднаква обука на граѓаните од двете страни на границата. Јас и ДП ги поддржуваме и ги охрабруваме напорите и посветеноста на ЕУ и САД за трајно решение, за договор за меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, напишува Баша во објава на Твитер.

– Топло го поздравувам постигнатиот договор меѓу Србија и Косово во Брисел, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја заврши дводневната посета на Србија и отпатува за Сараево.

Таа порача дека „ова е многу позитивен развој на ситуацијата” по нејзините средби со Вучиќ и Курти. „Ова е добра вест за целиот регион. Дијалогот сега мора да продолжи”, нагласи Лајен.

Таа, исто така, сподели твит од специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак за постигнување на договорот и фотографија од самиот договор.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот