Косата сама по себе не е подложна на болести, но што доведува до нејзино опаѓање?

приватна архива

Кога се зборува за заболувања на косата, пред сѐ, се мисли на нејзиниот недостаток, односно на состојби од проретчена коса па сѐ до комплетно нејзино опаѓање, со или без истовремен губиток и на другите влакна по телото (трепки, веѓи, итн). Состојбата на губење на косата се нарекува алопеција.

Во 19 век во САД, семејството Сутерленд, од една мала фарма во државата Њјуорк, ќе стане познато низ целата земја, па и пошироко, во Европа, по едно обележје изразено до екстремност кај сите седум ќерки на ова семејство – исклучително долга, густа и квалитетна коса, која во бранови ќе им паѓа сѐ до земјата. Знаејќи денес дека влакната главно достигнуваат должина од најмногу еден метар во текот на својот живот, ваквата коса навистина претставувала исклучителна наследна карактеристика. Музички надарени, девојките ќе настапуваат заедно со својот брат во јавноста, ќе постигнат голема популарност, а набргу својот необичен изглед ќе го употребат за стекнување неверојатно финансиско богатство, произведувајќи и продавајќи препарати за нега на косата, особено познатиот „волшебен тоник“ за раст на косата. Ниту една жена, која имала прилика да ги види на некој од нивните настапи, не одолеала на желбата да има коса како нивната.

unsplash

Косата отсекогаш била дел од нашето тело кој нѐ фасцинира. Низ историјата, во разни епохи, соодветно на одредени сфаќања што ги обележувале, постоел своевиден култ кон обликувањето и доживувањето на косата. Често, фризурата е обележје на статусот, богатството, професијата, припадноста на одредена група, религија, политички правец, движење, животен стил, итн. Старите Египќани не забораваат да ги погребат своите мртви со украсни шноли и чешли, за да им послужат во задгробниот живот. Убавата коса до денешни денови е симбол на здравје, младост, убавина и сексуална привлечност, со други зборови на целокупната витална движечка сила на човекот, на што е убаво асоцирано во библиската приказна за Самсон и Далила.

Нормална структура и живот на влакното:

Влакната се карактеристика само на цицачите. Кај животните се манифестираат во вид на крзно по целото тело. Кај луѓето, еволутивно, влакната се задржале главно на главата и во помала количина на одредени делови на телото, со разлика кај мажи и жени во густината и распоредот.

Косата е дел од кожата на човекот, односно нејзин производ. Делот од влакното, кој се наоѓа во дермисот (средниот слој на кожата), е сместен во еден вид кожно вдлабнување (ќесе) наречено фоликул или корен на влакното. Во овој дел се наоѓа и живиот центар на влакното – пулпа, која содржи „стем клетки“ од кои испаднатото влакно се обновува, но од кои исто така тргнува и обновата на оштетена кожа (на пример, после изгореница). Од кожниот фоликул расте и излегува над површината на кожата, стеблото на влакното. Изградено е од три концентрични слоеви, од кои средниот дел е кератински, односно протеински, граден од испреплетени филаменти, кои му ја даваат цврстината и еластичноста на влакното. Секое влакно поминува низ неколку животни циклуси: анаген, катаген и телоген.

Unsplash

Првата, анагена фаза, е фаза на раст и развој на влакното и трае од 2 до 6 години. Приближно 85 осто од влакната кај здрава коса се во анагена фаза. Доколку со испитување се покаже дека помал процент влакна се во оваа фаза, тогаш навистина се поставува сомнение за опаѓање на косата поголемо од нормалното. Од анагената фаза влакното влегува првично во катагена, или фаза на одумирање, кога престанува со растење, се скусува (до 1/6 од претходната должина), односно преку оваа преодна фаза која трае до 1-2 недели влегува во последната фаза од својот живот – телогената. Во оваа фаза влакното веќе не расте, но стои уште на своето место. Во коренот, пак, на влакното, започнува нов раст и на тој начин новоформираното влакно го турка и исфрла изумреното влакно од лежиштето. Кај нормалната коса 10-15 отсто од влакната се во телогена фаза во исто време.

Кога косата боледува

Косата сама по себе не е подложна на заболувања, односно, постојат некои вродени синдроми, кои се исклучително ретки, а кои се поврзани со генетски дефекти на основните структурни протеини, кои ја градат кожата и со тоа и ноктите и косата, и во склоп на тие состојби влакната на телото може да се формираат со бизарни форми, бои, лош квалитет, да постои слаба и тенка коса, па сепак, тука се работи за болест на самата кожа и други наследени малформации, кои свој одраз имаат и на косата, и кои поради нивната реткост тука не би ги набројувале.

Кога се зборува за заболувања на косата, пред сѐ, се мисли на нејзиниот недостаток, односно на состојби од проретчена коса па сѐ до комплетно нејзино опаѓање, со или без истовремен губиток и на другите влакна по телото (трепки, веѓи, итн). Состојбата на губиток на косата се нарекува алопеција. Губитокот на коса се препишува или на ефектите на воспалителни клетки во кожата, кои го напаѓаат влакнениот фоликул, или на разни физиолошки и механички фактори, кај кои воспалението не игра улога.

Profimedia
Profimedia

Косата нормално паѓа секојдневно. Понекогаш се појавува нагласено сезонско опаѓање во есен и во пролет. Сепак, треба да се има предвид дека факторот, кој предизвикал изумирање на дел од влакнените фоликули, дејствувал најчесто неколку месеци понапред. Потребни се 2 до 3 месеци изумреното влакно да падне од површината на кожата (односно да ги измине катагениот и телогениот стадиум). Поради тоа, освен во драстични случаи, како некои видови труења, радијација и слично, косата опаѓа со одредено задоцнување од моментот на својата смрт. Состојби на тешка болест, како на пример, инфективни заболувања во текот на зимскиот период (или други тешки заболувања), ќе доведат до нагло изумирање на поголем процент здрави влакна, а со тоа, по неколку месеци, односно напролет, до интезивно опаѓање на косата. Секако, не станува збор за неизбежен процес кај секоја болест, но за многу веројатен. Ваквото опаѓање обично е дифузно, односно косата рамномерно опаѓа од целата површина на главата, а не од одредени нејзини делови. Освен тоа, иако може да делува мошне загрижувачки, сепак, паѓањето е самоограничувачко, односно е процес кој е временски дефиниран и обновата на косата е загарантирана, доколку е со општото здравје сѐ во ред.

Чести болести на косата во детската возраст:

Трихотиломанија: не толку ретко заболување, со повеќе психолошки импликации. Почесто е кај децата, но може да се сретне и кај возрасни. Се работи за самонанесено оштетување на косата, кое може да се изведува и несвесно, односно е таканаречен „нервозен тик“. Во повеќе наврати се скубе или крши одреден прамен или цела регија од косата, со што таа се трауматизира, се оштетува и се кине, па со тек на времето сето ова доведува до видливо жариште на главата, кое е без коса. Всушност, бидејќи косата во вакви случаи никогаш не испаѓа од коренот, дијагноза се поставува лесно, со видливи остатоци од влакна над површината на кожата од неколку милиметри или црни точки на местата на фоликулите и со нерамномерно искршени влакна (на различна висина). Сето тоа укажува на влијание на механичко дејство однадвор врз косата. Сепак, болеста не се лекува лесно, потребна е соработка од психолог и барање на подлабока, најчесто психолошка причина за овој облик на автоагресивност. Самите пациенти, дури и возрасните, може упорно да негираат дека самите си ја индуцираат состојбата, па е потребно исклучително трпение и разбирање.

Profimedia
Profimedia

Тракциона алопеција: резултат е на долго време носење на одреден тип фризури, како на пример „коњско опавче“, каде косата од слепоочниците постојано е затегната кон назад. Влакнените фоликули претрпуваат своевидна механичка траума. Изумира влакното, па и фоликулот. Иако дијагнозата се поставува релативно лесно, лекувањето може да биде долготрајно, а обновувањето на косата во тие делови бавно.

Кружно опаѓање на косата (алопеција ареата): се работи за заболување од непозната причина, во текот на кое самиот организам создава антитела против структурите на влакнените фоликули, што доведува до „непрепознавање“ на сопствените влакна и нивно отфрлање. Може да се појави во полесна форма, кога на главата се гледаат едно или неколку кружни жаришта на опадната коса, но без формирање на лузна. Потешка форма е кога целата коса опаѓа заедно со трепките, веѓите и влакната од другите делови од телото. Лекувањето на оваа состојба е сложено и бара детални испитувања. Кај децата обично има поповолна прогноза и е самолимитирачко, односно доколку се работи за едно од неколку жаришта на косматиот дел од главата, во најголем број случаи доаѓа во текот на лекувањето до нивно пополнување со нови влакна и нормализирање на состојбата. Кај одреден број на случаи состојбата може да трае подолго и да биде упорна, особено ако е во склоп на други автоимуни заболувања (витилиго, пернициозна анемија, болест на тироидната жлезда, итн.). Тераписки протокол под водство на лекарски тим е неопходен во ваков случај.

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот