Корупцијата може да бира низ која „дупка“ да навлезе во системот!

Правосудството и политичкиот систем се под голем ризик за корупција, покажува Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021-2025, во која се обработени и полицијата, здравството, образованието, транспортот, урбанизмот, економијата, екологијата и спортот. Состојбата е лоша во сите анализирани сектори, а виновници за тоа се силното политичко влијание во јавниот сектор, проблемите во владеењето на правото, неконзистентната регулатива, ниското ниво на интегритетот на човечкиот фактор како и недоволната транспарентност.

Обвинители и судии за кодекс не марат

Најголеми проблеми во секторот правосудство се тоа што нема доволно материјални и кадровски ресурси, нема ефикасен систем за јакнење на интегритетот на судиите и обвинителите, нема транспарентност, а Државното правобранителство е неефикасно.

– Со новиот Закон за судски совет има солидна основа за следење на работата на судиите и прашањето за нивната одговорност, но недостасува афирмација и примена на кодексите за професионално однесување. Потребно е тие да се дополнат со примери и со коментари. Досегашната пракса покажува дека кај судиите и јавните обвинители не постои скоро никаков интерес за посетување на обуките за јакнење на нивниот интегритет и за запознавање и примена на професионалните кодекси. Таквата состојба е неприфатлива, особено имајќи го во предвид фактот дека непристрасното и доследното извршување на судиската и јавнообвинителската функција е од круцијално значење за овој сектор. Во услови кога има несоодветно поведение на судии и обвинители при вршењето на должноста и надвор од нивните работни места, се наметнува заклучокот дека тие не ги применуваат стандардите во кодексите за професионално однесување – се вели во Стратегијата во која се предлага да се спроведуваат задолжителни обуки на кои судиите и обвинителите ќе се научат на кодексите.

Документот наведува дека шест години по донесувањето на Законот за кривичната постапка ЈО сè уште се соочува со големи проблеми во извршувањето на својата функција, затоа што за  зголемената надлежност во истражните постапки не добија соодветна материјално-техничка и кадровска логистика.

– Сè уште не се оформени истражните центри, со што ЈО и натаму е силно зависно од поддршката на МВР. Предметите во ЈО се распоредуваат рачно, со што постои ризик од нивното непринципиелно насочување кон одредени обвинители. Нема ефикасен електронски систем за следење на тоа во која фаза од постапката се предметите – наведува документот и бара да се  зголемат и капацитетите и ресурсите на јавнообвинителскиот систем.

За Државното правобранителство се наведува дека заради законски слабости тоа е зависно од Владата, која го утврдува бројот на државните правобранители и нивното седиште. Од друга страна тие се многу комотни во својата работа затоа што нема воспоставено оценување на нивната ефикасност, не е уреден начинот за разрешување, не е предвидена дисциплинска постапка против државен правобранител. Тие немаат рокови во кои мора да достават годишен извештај до Владата, а Владата нема обврска да разгледува и да усвојува таков извештај. И таму предметите рачно се распределуваат затоа што компјутероте не им се поврзани!  

– Актуелната состојба во правосудството укажува дека покрај детектираните ризици од корупција, а за кои со оваа стратегија се предложени соодветни мерки, постојат и други ризични подрачја и фактори што го попречуваат ефикасното делување на правосудниот систем. Во ситуација кога судството се гуши во неефиксаност, кога се отпочнати кривични постапки за лица од самиот врв на судската и обвинителската хиерархија и кога довербата на јавноста во правосудството е исклучително ниска, потребно е да се размислува и за одредени порадикални мерки за санирање. Карактерот на овие мерки мора да бидат внимателно дизајниран, водејќи сметка да не се предизвика блокада на правосудниот систем. За таа цел потребно е да се изработи дополнителна длабинска анализа и проценка на ризиците од корупција во правосудството – констатирале антикорупционерите.

Се одлучува „под маса“

Ризикот од корупција постои во сите области на политичкиот систем, опоменува Стратегијата и нагласува дека треба да престане праксата одлуките да се носат без анализа. Приоритетни проблеми се тоа што се носат голем број закони во скратена постапка, што регулативата често се усвојува без претходно да бидат спроведени проценки на влијанијата, што не е предвидена казна за функционерите што не ја пријавуваат имотната состојба, што е е е регулирана интеракцијата помеѓу лобистите и власта, но и тоа што функционерите се се вклучени во едукативни програми за етика и интегритет.

– Клучниот проблем во унапредување на интегритетот на политичкиот систем е како да се уредат процесите на носење одлуки. Се работи за општ принцип, применлив на сите нивоа на извршна и законодавна власт, кој треба да обесхрабри или да го минимизира продорот на приватниот интерес или интересите на одредени групи. Во РС Македонија процесот на носење одлуки е порозен на влијанија и интереси. Законското и подзаконското уредување на одредени области, одлуките за субвенции, помош, откуп итн, ретко кога содржат детална анализа на оправданост и транспарентна евиденција. Ризикот дека тие се употребуваат за да задоволат бизнис-интереси или лојалност на гласачи се зголемува кога правилата за носење одлуки не се почитуваат – се вели во Статегијата.

Документот посочува дека Деловникот на Собранието нема критериуми за утврдување на сложеноста на законите што на предлагачот му остава простор без доволно образложение да ја користи скратената постапка, што имплицира дека оваа постапка за носење на законите неоправдано се употребува за задоволување на теснопартиски или групни интереси.

– Законот за лобирање е нефункционален. Сè уште не се воспоставени правила за регулирање на начинот на кој ќе се спроведува процесот на лобирање, особено во делот на интеракција помеѓу лобистот, функционерот и трети лица кои имаат интерес од донесување на определени одлуки. Во отсуство на овие правила, лобирањето продолжува да се одвива во разни алтернативни форми, кои најчесто се засновани на непринципиелни, па дури и коруптивни основи. Поради тоа, неопходно е итно донесување на нов закон за лобирање. Во ситуација кога е невозможно секој детал од функционирањето на системот да биде целосно регулиран, исполнувањето на надлежностите од страна на функционерите мора да се базира на начелата на етичност, совесност, одговорност и непристрасност, како и на сите останати елементи кои го чинат интегритетот на еден носител на јавна функција – објаснува документот.

Ова е прв документ од областа на борбата против корупцијата што е усвоен на највисоко ниво, односно од Собранието, а претходно програмите за работа го носеше самата ДКСК. Усвојувањето од страна на пратениците, потенцира документот, ја потврдува сериозноста на проблемот со корупцијата и потребата од вклучување на сите засегнати страни.

Одговорност и етика пред сè

Императив е носителите на политичко одлучување е да ги почитуваат највисоките стандарди на одговорност и етика. Политичките партии и нивните раководства треба да покажат висок интегритет, да бидат отворени за контрола и да демонстрираат политичка волја против корупцијата, се вели во Стратегијата.

– Политичките структури мора да ја почитуваат работата на независните тела, да им обезбедат доволни материјални и финансиски средства за работа и да се воздржат од какво било влијание врз нивната работа, како и од инволвирање во постапки регулирани со закон. Примарна обврска на независните тела е заштита на јавниот интерес. Во државната управа, како и во правните субјекти во кои државата и единиците на локална самоуправа остваруваат сопственички права, потребно е да се управува со политичкото влијание на совесен и одоговорен начин водејќи сметка пред се за јавниот интерес – наведува документот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот