Корупцијата во затворите е на слобода

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Лекот да ѝ се застане на патот на секоја корупција, па и на оваа што си зема преголема слобода во затворите, е наречен – политичка волја. Непознатиот сторител ќе остане непознат сè додека на одговорните им се прогледува низ прсти, наместо низ решетки.

Македонските затвори не биле натрупани само со затвореници, како што најчесто констатираат Стејт департментот и Комитетот на Советот на Европа во своите годишни извештаи за превенција на тортура и нечовечко постапување. Зад решетките се крие и множество ножеви, прашкасти материи во правот од занданите, прошверцувани мобилни телефони и компјутери и кеш во „цврста“ валута.

Слободниот проток на вакви „стоки“ тече и штети не помалку од влагата по високите затворски ѕидови на „Идризово“. Во рацијата од пред три дена, во само 25 ќелии се пронајдени 50 мобилни телефони, 37 ножа, лаптопи, наркотични средства и пари во многу поголеми износи од дозволеното. Ако се суди според богатиот плен, координираната акција на МВР и на Управата за извршување санкции очигледно не е пробиена и планираниот претрес бил добро чуван во тајност, што е вистинска реткост кога станува збор за полициски упади во земјава. Особено што според бројот на учесници била масовна – 65 специјалци од ЕБР, 30 полицајци од крим-техника и повеќе од 40 затворски чувари од други затвори. Којзнае и дали ќе бил запленет недозволениот „арсенал“ од ладно оружје да не била претходно пријавена тепачка со ножеви во затворот. Вестите за крвопролевање меѓу затворениците најчесто не допираат до јавноста поради непишаниот „закон за молк“ во казнено-поправните домови, но исклучоци се скришните повици од исплашените за својата безбедност.

За тие што се „внатре“ од исклучителна важност е снопчињата пари однадвор да го минат т.н. засилен систем на детекција и видеонадзор, платен со меѓународна помош. Но, тој е само така наречен, зашто ненајавените надзори ја детектираат неговата пропулзивност. Потврда за тоа е пронајдената поголема сума, според некои медиуми околу 1.000 евра (десетпати повеќе од дозволеното), во ќелијата на осуденици за терористичкиот напад врз „Диво насеље“. Еврата се најконвертибилното платежно средство во затворите каде што постои поделба на затворениците на „богати и сиромашни“, што е јавна тајна.

Повластените кај затворските власти пред очите на чуварите ги поткупуваат сиромашните (неза)штитеници за услуги како што се „местење кревети, чистење на ќелиите, подготовка на храна….

Калаузот за железните затворски врати за циркулација на митото зад решетки мора да се бара во рацете на клучарите, односно во лепливите прсти на корумпираните во затворскиот систем кои никако да застанат пред лицето на правдата. Од 13 пријави што се процесирани последниве две години по разни основи, речиси сите се отфрлени поради недостиг на докази. Или, кажано со речникот на Стејт департментот – поради ендемска корупција.

Коренот на виреењето на корупцијата и во темните затворски ходници е во неказнивоста. Овој пат кривичен прогон најави и самиот министер за правда Никола Тупанчевски, доколку се најдат докази за гревови кај затворскиот персонал. За да се разликува од своите претходници, Тупанчевски овој пат ќе треба оди докрај.

Именувањето директори на овие установи и нивни заменици врз основа на политичка припадност е една од забелешките на Комитетот на Советот на Европа. Борбата на државата за попристојни услови за затворениците треба да почне со корекцијата на лошото управување, зашто грешници пред законот не се само тие што се правосилно осудени, туку и тие што го прошируваат спектарот на тортура врз затворениците. За жал.

Непознатиот сторител и натаму ќе остане непознат сè додека директорите на затворите се договараат на средби меѓу лидерите на коалициските партнери. Се додека на одговорните им се прогледува низ прсти, наместо низ решетки. Лекот да ѝ се застане на патот на секоја корупција, па и на оваа што си зема преголема слобода во затворите, е наречен – политичка волја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот