Коронавирусот удри силно по џебот на граѓаните

Фото: Слободен печат/Архива

„Слободен печат“ на својот веб-страница неодамна спроведе анкета меѓу своите читатели за да видиме какви економски последици оставила пандемијата со ковид-19 врз нивниот буџет. Од одговорите можеме да заклучиме дека голем е бројот на граѓани што се погодени од пандемијата и дека таа и тоа како удрила по нивниот џеб.

Дел од нив ги пофалија мерките за помош на Владата и велат дека доста им помогнале за време на кризата, а нашите читатели предложија и низа мерки, за кои надлежните би требало да размислат во иднина со цел ублажување на економските последици од пандемијата.

Граѓаните што одговорија на нашата анкета се на возраст од 16 до над 62 години, односно 16 отсто се на возраст од 16-30 години,

48 отсто од 31-46, 32 отсто од 46-62 и 4 отсто над 63 години.

На прашањето „Дали пандемијата влијаеше на вашето работно место“, 37,5 отсто одговориле потврдно, а 41,7 отсто одговориле негативно. Пандемијата делумно влијаела врз работното место на  20,8 отсто од анкетираните.

Како најчести економски последици од пандемијата нашите читатели ги наведоа намалувањето на платите, намалената продажба и промет, згаснувањето на бизнисите и губењето на  работа.

На прашањето, „Дали познавате некој што изгубил работа поради пандемијата“, дури 71,4 отсто одговориле со да, а 28,6 отсто одговориле со не.

„Слободен печат“ ги праша читателите и дали ги опфатиле економските мерки од Владата и дали им помогнале.

Дваесет отсто одговориле потврдно, 36 отсто негативно, 16 делумно, а 28 отсто одговориле дека мерките не ги опфатиле, иако им биле потребни.

Платежните картички за купување домашни производи се најчестиот одговор на нашите читатели на прашањето, која мерка ви помогна најмногу. Меѓу другите мерки се и помошта за плати, одлагањето на ратите на кредитите и стопирањето на извршителите.

На прашањето, „За кои економски решенија треба да размислат надлежните во иднина со цел ублажување на економските последици од пандемијата“, читателите ги посочија следните мерки:

повисоки плати за здравствените работници и соработници што не се лекари, а кои секојдневно работат со ковид-пациенти, платежна картичка за купување домашни производи, помош за плати во јануари и во февруари, директно давање парична помош на сметките на вработените, а не преку фирмите, намалување на платите на администрацијата и пренамена на тие пари за невработените, поддршка за странски инвеститори, намалување на сивата економија, субвенционирање на кредити и вбризгување на свеж капитал во малите компании, финансиска помош на семејства во кои има само еден вработен, финансиска помош за хронично болните и поддршка на малите и средни бизниси и на невработените.

Може да гласате и вие на оваа анкета:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот