Коронавирусот ќе го тестира системот за управување со кризи

Стево Пендаровски / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Владата прогласува кризна состојба на територијата на цела Македонија за да се справи со последиците од епидемијата со коронавирусот која го колабира јавното здравство, а главната цел, како што рекоа премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, е државата привремено да управува со капацитетите на приватните болници, а војската да добие поголеми можности да им помага на сите институции што се вклучени во борбата со вирусот.

Според познавачите, битно прашање сега е со колкава брзина и ефикасност ќе може да реагира на предизвиците системот за управување со кризи, кој е сложен и се состои од многу луѓе, но Владата засега нема опција повторно да прогласи вонредна состојба и брзо да носи уредби со законска сила, затоа што тешко ќе оствари двотретинско мнозинство во Собранието.

Според законот, системот за управување со кризи се организира за справување со кризи што се ризик за добрата, здравјето и животот, а настанале од природни непогоди, епидемии или други ризици и опасности што го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста, а за кои не постојат услови за прогласување воена или вонредна состојба. Во системот влегуваат органите на државната и локалната власт, вооружените и силите за заштита и спасување, јавните претпријатија, установи, трговските друштва, граѓаните итн.

Ќатоски: Вонредна состојба е поефикасна

Адвокатот Глигорие Ќатоски смета дека поефикасна е опцијата да се воведе вонредна состојба и Владата да носи уредби со законска сила, но оневозможеноста на власта да обезбеди двотретинско мнозинство ја принудува да оди на кризна состојба.

– Прогласувањето кризна состојба е предвидено со Законот за управување со кризи, кој е понизок правен акт од Уставот, кој пак познава вонредна и воена состојба, но не и кризна. За разлика од вонредната, кризната состојба поставува ограничувања што може да влијаат врз ефикасноста на владините мерки за справување со вирусот. Ќе биде потребно во целата држава да се основаат кризни штабови, што би значело ангажман на голем број лица, што не е препорачливо имајќи ја предвид сериозноста на вирусот. Дополнително, оваа постапка би траела подолго време. Главната разлика е во ефикасноста на мерките, односно владините уредби при вонредна состојба се директно применливи без да поминат низ законодавниот дом – вели адвокатот Ќатоски за „Слободен печат“.

Тој додава дека најважно прашање е колку и како целиот систем ќе функционира со регионалните кризни штабови, затоа што во оваа област ништо не е вложувано со години наназад и тие немаат доволно капацитети за справување со криза од ваков обем. Ќатоски објаснува и дека кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена, а ако постои потреба од подолг период, тогаш Собранието мора да го одобри тоа. Законот е недоискажан со колкаво мнозинство треба да се продолжи кризната состојба, што значи дека штом изрично не се бара квалификувано или двотретинско, кризната состојба може да се продолжи со просто мнозинство.

Според адвокатот, не е законски проблем што сега повторно општините Дебар и Центар Жупа ќе  имаат кризна состојба, затоа што пролетва кризната состојба таму траеше само 30 дена и не беше продолжувана. Кризната состојба не е правна пречка ниту за да се одржат локалните избори во Штип и во Пласница, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од коронавирусот.

Отчет до Собранието и до претседателот

Според законот, со одлуката за кризна состојба Владата ги активира механизмите за справување со кризи, а за одлуката веднаш ги известува Собранието и претседателот. Понатаму, за сите активности Владата во рок од 48 часа усно ги информира Собранието и претседателот, а еднаш неделно писмено. По завршувањето на кризната состојба најдоцна за 30 дена им доставува писмен извештај. Собранието и претседателот во секое време може да побараат устен или писмен извештај за состојбата.

Сложен систем од групи и од комитети

При кризна состојба клучни за реакција стануваа две тела – Управувачки комитет и Група за процена. Управувачкиот комитет е владино тело за координација и го сочинуваат министрите за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена, а по потреба можат да се вклучат и други функционери.

Управувачкиот комитет ѝ предлага на Владата да ги активира механизмите што се на располагање, а органите на државната управа, општините и другите учесници во системот за управување со кризи се е должни да ги спроведуваат препораките и другите мерки.

Групата за процена ги проценува ризиците и опасностите и предлага мерки и активности до Управувачкиот комитет, премиерот, претседателот и спикерот на Собранието. Групата ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, директорите и замениците на директорите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР), потоа заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата и раководителот на Службата за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана. Со Групата за процена раководи лице што го определува премиерот.

Завчера Советот на безбедност процени дека ситуацијата со коронавирусот е крајно сериозна и дека има потреба да се прогласи кризна состојба, по што Владата одржа итна седница и ги почна подготовките, односно во Групата за процена ги додаде в.д. директорите на ЦУК и ДЗС Стојанче Ангелов и Беким Максут, а Ангелов е именуван и за член на Управувачкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот