Коронавирусот ја зголеми и потрошувачката на вода

Profimedia
Вода. / Фото: Профимедиа

Седењето дома подолг период од денот за да се заштитат граѓаните од ширење на коронавирусот, како и неодамнешните ниски температури, се двете главни причини поради кои потрошувачката на вода во Скопје во изминатиот период значително се зголеми.

Во деновите кога температурата паѓаше неколку степени под нулата, граѓаните поради страв од оштетување на водоводната мрежа поради замрзнување на водата во цевките, се одлучуваат да ја остават водата да тече од чешмите и во текот на ноќта, кога реално не им е потребна, за да спречат мрзнење на водата во цевките и нивно пукање, но на тој начин придонесуваат и до драстично зголемување на потрошената пивка вода.

Според податоците добиени од ЈП „Водовод и канализација“, во јануари корисниците во Скопје, потрошиле 76.000 м3 вода повеќе споредбено со истиот месец од минатата година. Според нив, зголемената потрошувачка на вода во првиот месец од годината го поврзуваат со спојувањето на новогодишните празници и зголемениот престој во домовите, имајќи предвид дека во тој период како што велат од јавното претпријатие немаше минусни температури.

– За февруари сѐ уште немаме податок, бидејќи инкасаторите во моментов го вршат читањето на водомерите – објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“, од каде што велат дека токму поради тоа, не ја знаат точната количина на потрошена вода од граѓаните кои биле принудени поради ниските температури да ја испуштаат водата за да се спречи мрзнење на цевките во домот.

Сепак, освен зголемената потрошувачка на вода, падот на температурите знаат да бидат причина и за зголемување на дефектите не само на водоводната туку и на канализациската мрежа. Од јавното претпријатие велат дека овој период немало значително зголемување на овој тип дефекти.

– Во периодот со температури под нулата немаше зголемување на дефектите како резултат токму на ниските температури. Тие што се појавија беа навремено и во целост отстранети од екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – велат од јавното претпријатие.

Сепак, иако водоводната и канализациската мрежа не претрпела поголеми оштетувања, сериозен проблем на терен за екипите на ова јавно претпријатие им се појавиле во делот на затрупување со снег на сливниците и на канализациските шахти.

-Не само поради падот на температурите туку и поради снежните врнежи се соочивме со проблеми од типот сливници и канализациски шахти затрупани со снег. Но нашите екипи постојано беа на терен за расчистување на сливниците и шахтите на територија на град Скопје и не дозволивме да имаме нефункционална атмосферска и фекална канализација – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од претпријатието ги потсетуваат граѓаните дека дежурно-информативниот центар им е достапен 24 часа во денот, каде што можат да се  јавуваат за прашања и барања од секаков тип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот