Короната влезе во кумановскиот дом за стари лица, позитивни 10 корисници и 2 вработени

Десет корисници на услугите на Кумановскиот дом за стари лица се позитивни на коронавирус, како и двајца вработени, соопштија денеска надлежните од установата. Оваа бројка произлегла од извршеното тестирање кое било иницирано од надлежните од домот „Зафир Сајто” а го спровеле екипи на Центарот за јавно здравје Куманово. Во тестирањето биле опфатени 36 лица од кои 30 корисници и шест вработени.

– И покрај сите преземени ригорозни мерки за заштита и спречување на ширење на коронавирус во Домот за стари лица, мислевме дека ќе го сопреме продорот на вирусот во установата, за жал, по извршеното тестирање во петокот и по добиените резултати следниот ден констатирано е дека има 10 позитивни корисници на коронавирус и двајца вработени. Во оваа бројка на тестирани имаше јадро од дваесетина лица, наши корисници кои претходните денови покажаа симптоми слични на сезонски грип. Причина поради која извршивме тестирање е што во последниве две недели имаше изолирани случаи на заболени вработени, изјави директорот на Домот за стари лица, Дејан Стојановски

Тој вели дека во соработка со Општата болница Куманово веднаш е договорено на корисниците да им се извршат дополнителни анализи, да им се земе крв и да се утврди третманот и терапијата на заболените. Матичните лекари ќе препишат соодветна терапија која ќе ја пружаат и сестрите вработени во домот.

– Во овој момент преземени се сите мерки. И претходно овие лица беа изолирани. Во минатото ние имавме изолиран одел кој се користеше за време на сезонски грип. Размислуваме уште едно одделение да адаптираме и да пренамениме за изолација. Се надеваме дека ќе го спречиме понатамошното ширење на вирусот, рече Стојановски.

За состојбата информирано е надлежното Министерство за труд и социјална политика. Во првиот бран, во Домот за стари лица имаше само една корисничка која беше заболена откако претходно поради друга здравствена состојба се лекуваше во кумановската болница и само двајца вработени.

Во домот услугите ги користат 135 корисници.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот