Коронакризата ја продлабочи невработеноста кај младите во Куманово

Куманово/ Фото: МИА

Младите во Куманово полесно ги губат работните место во време на коронакриза, бидејќи работат хонорарно, по договор, на половина работно време. Тие и пред кризата потешко се вработуваа поради неискуство, степен на образование, квалификации, ниски плати. Ако до пред само неколку месеци можностите за вработување биле за нијанса подобри, сега шансите се сведени на минимум, велат Јована Манасиевска и Ајсена Елези, две невработени млади девојки од Куманово.

Двете кумановки, едната 23 годишна економски техничар, втората година постара, медицинска сестра раскажуваат дека работодавците им барале да бидат млади, ама да имаат пет години искуство, да имаат сертификати, познавања од ИТ, јазици, за плата од 14.000 денари и помалку.

– Не можете да замислите какви се причини наведуваат работодавците да не ве ангажираат, доста се креативни по тоа прашање. Можеби сега ќе почнат да нѐ одбиваат и како асимптоматски преносители на вирусот, велат младите кумановки.

Секој четврт млад до 29 години во Куманово е невработен. До крајот на мај годинава, од вкупно невработените 13.287 кумановци, дури 22,4 проценти или 2.971 лице биле млади до 29 години. Куманово е трета општина според број на невработени во државата, веднаш зад Скопје и Тетово. Проблемот со младинската невработеност не е отсега. Лани невработеноста кај младите на државно ниво била 35 проценти и е речиси двојно повисока во однос на просечната, информираат од граѓански младински организации во „Перспектива: Млади во криза – Итни препораки за намалување на негативните ефекти од Ковид-19 кризата врз младите”.

Високата невработеност кај младите е и една од главните причини за привременото и трајното печалбарство, нешто што стана одлика на Куманово изминативе деценија и половина. Се заминува насекаде во потрага по повисоки плати, подобри услови во земјите од Западна Европа, во Ирак, Авганистан. Еден од оние кои заминаа во Германија поради неможноста да најде работа е 26-годишниот Илир Џемаили, инаку кумановец со завршени два циклуса политички студии. Овој млад новинар, активист и волонтер вели дека неправдата, нееднаквоста, политичките превирања и медиокритетството во општеството го задушиле и го принудиле да се отсели.

– Лично сум аплицирал за две државни работи. Се бараше лице со политички студии, без искуство. Сите барање ги исполнив и на двата конкурса, електронски аплицирав (Online). И на двата конкурси не бев земен предвид, вели Џемаили, кој наскоро ќе магистрира во Германија.

Несфатливо за него е да се одбираат лица при вработување врз основа на политичка припадност. Затоа, го преферира општеството во кое сега живее каде се вреднува трудот, залагањата на поединецот.

Младите најчесто размислуваат и посакуваат да се отселат и иднината да ја градат во странство. Според процените на граѓанските организации, младите се најсклони кон иселување што ја чини државата земјата 333 милиони евра годишно во просек, или 3.1 процент од БДП.

– Младите се плашат дека нема да можат да придонесат за семејните буџети. Откажани се летовите, така што не можат да патуваат во САД или земјите од Западна Европа и да работат за летниот распуст. Некои зеле и кредит за авионски билети-вели Ивана Стојчевска од ЦИД.

Куманово е еден од најпогодените градови од Ковид 19 со над 900 заразени што директно се одразува и на економски план. Работодавците се пожалиле на општинските власти дека не работеле во периодот март-мај, работеле со загуби, дел од работниците морале да бидат отпуштени.

Лидија Милановска сопственик на чевларско претпријатие вели дека пред епидемијата имала потреба од млад кадар, меѓутоа сега се труди да ги задржи ангажираните работници. Нема извоз, репроматеријали за работа се при крај, сезоната е загубена. И самата преферира млад кадар кого би го обучила, но додава и дека младите не сакаат да работат во фабрика.

– Платите не се ниски за оваа дејност. Слични се како во маркет, младите одбираат да работат во други дејности. Сметам дека треба да вложиме во простор, да стане поатрактивен за младите. Покрај пандемијата нема шанси за вложувања, јасна е Милановска.

Од вкупниот број невработени најголем процент се среднисти. Работодавците од Куманово, конкретно чевларството со години бараат стручен квалификуван кадар. Во моментов на пазарот на трудот во Куманово се бараат лица од трговија, услужни дејности и произведувачка индустрија. Средните стручни училишта со години не можат да ги пополнат квотите за упис. Младите бираат гимназиско наспрема стручно образование. Од наредната година, стручното училиште „Киро Бурназ” ќе стане регионален центар за стручно усовршување, па младите кои веќе завршиле образование ќе можат да се преквалификуваат согласно потребите на пазарот на трудот.

Младите се една од петте теми на кои се фокусира Општина Куманово преку „Стратегија за Локален Економски Развој 2019-2024″ за која се предвидени три милиони денари, од кои општината учествува со 720.000 денари.

– Општина Куманово е заинтересирана да ги мотивира младите да не се иселуваат, да останат и да бидат носители на прогресот и развојот во градот, да овозможи економски развој преку зголемени можности за вработување и самовработување, вели овластениот раководител на ЛЕР, Ахмет Јашаревски.

Во меѓувреме Општината свесна за проблемите од коронакризата ќе им понуди на младите отворање на бизнис инкубатор за Start up бизниси, ќе организира обуки, ќе ги поттикне фирмите да ги вработуваат младите кои претходно ќе се преквалификуваат.

И државата преку оперативниот план прави обиди за поголема младинска вработиливост. Центарот за вработување Куманово достави податоци кои покажуваат прилично висока вклученост на младите во мерките од оперативниот план за вработување која изнесува 58,9 проценти.

– Евидентно е дека во Центарот за вработување се пријавуваат лица кои останале без работа поради состојбата со коронакризата. Од друга страна, имавме активни мерки кои добро поминаа и во кризен период. Работодавците аплицираа во февруари, март, а директните вработувања со невработените ги склучуваа во април и мај, изјави раководителката на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

Граѓанските организации преку јавното писмо бараат во услови на коронакриза на младите да им се овозможи право на паричен надоместок додека трае вонредната состојба, оние кои се невработени, хонорарци, на кои работниот однос им престанал спогодбено или наводно нарушување на дисциплина.

Тие бараат и финансиска поддршка за младите по примерот на спортисти и уметниците, правно советување за млади во угостителство, јакнење на капацитетите на институциите за поефикасно справување со невработеноста кај младите, суштинска заштита и теренска проверка и поддршка од институциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот