Корона-рестрикции со пресметан оптимизам

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Нема сомневање дека постои надеж, еден вид пресметан и одложен оптимизам, дека може да се очекува денот кога одеднаш ќе биде сигнализирано дека состојбите се менуваат во насока кон нормализирање. Во насока кон „старото“ што важеше пред пандемијата. Но, прашање е колку навистина може да се верува во таков епилог.

Плановите во Грција за олеснување на тешките корона-рестрикции наидуваат на предупредувања од организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешенл“. Во нејзиниот најнов извештај се укажува дека грчкото здравство не ќе може да го издржи притисокот доколку вирусната зараза повторно добие замав.

Загриженоста што ја изразува „Амнести“ во Грција е на линија дека се мали можностите, со повторно отворање на општеството, за ефикасно справување со пандемијата на долгорочна основа, имајќи предвид дека грчкиот здравствен систем e девастиран и со намален буџет од повеќе од 40 проценти. Ширењето на вирусот досега можеше да се држи на ниско ниво со примена на строги рестриктивни мерки и ограничување на движењето, но критиката се однесува, пред сè, на отсуството на посериозни напори да се исползува изминатиот период за зајакнување на здравствените капацитети. Постои ризик ширењето на заразата во Грција повторно да се забрза штом на луѓето ќе им биде овозможено да се движат повеќе.

Споредби на стратегиите во борбата против коронавирусот се често присутни на Балканот, каде што земјите, вклучувајќи ја секако и Македонија, во многу нешта имаат слични претпоставки и ресурси во здравството. Во поинаков регионален контекст споредбите можат да бидат уште поинтересни.

Примерите на Финска и Шведска

Во Скандинавија, на пример, Финска воведе мошне поголеми рестриктивни мерки од Шведска кога започна ширењето на вирусот. За разлика од полибералниот пристап во Шведска, каде што се смета на свеста на населението и довербата во институциите, Финска ги затвори училиштата, граничните премини, а го изолира и целиот главен град Хелсинки. Но, според финските надлежни органи за јавно здравје, тоа најверојатно ќе води кон поразвлечена епидемија, при што, поради пребавниот развој, кулминацијата на заразата сега се чини е мошне временски оддалечена. Кулминацијата, всушност, според новите проценки во Финска, не се очекува во текот на летото, туку наесен. „Тоа е негативната страна од рестрикциите“, сметаат финските државни епидемиолози. Во оваа нордиска земја од коронавирусот досега починале 177 лица, додека во Шведска бројката е значително поголема – 2.274 смртни случаи.

Дилемите се несомнено големи. Корона-кризата крајно ги изострува тешките егзистенцијални прашања. За колкумина може да се дозволи да починат прерано –  колкав е, всушност, ризикот со калкулации за преуранета смрт за некои – за сите други да може да продолжат да живеат некаков пристоен живот, во економија што нема да биде целосно руинирана.

Од досегашниот еден и полмесечен развој со ковид-19 во полна брзина, веројатно може да се констатира дека не станува збор за никаква црна чума. Егзистенцијата на човештвото не е под закана, а во голем број земји прераспределбата на здравствените ресурси придонесе да се обезбедат доволно болнички места за интензивна нега.

Во секој случај, низа земји спроведуваат мошне строги мерки бидејќи станува збор за глобална пандемија, која е проследена со страв насекаде и која, сепак, предизвикува многу жртви. А судејќи според досегашните сознанија, може да се очекува уште полош развој кога пандемијата ќе се рашири кон сиромашни, густо населени земји, со мошне ограничени здравствени ресурси.

Преуранета смрт поради ковид-19, особено кога станува збор за ризичните групи, е факт. Но сосема е јасно дека ниеден одговорен политичар не би си дозволил во овој миг да застане пред јавноста и да каже дека извесен број луѓе ќе починат за долгорочните штети да не бидат катастрофални, со масовна невработеност и длабока рецесија. Иако тоа веќе делумно и се случува.

Пандемијата диктира груба реалност

Но реалноста е, се чини, поврзана токму со таков вид одмерување што мора да се направи, и кое во некоја смисла веќе се прави. Со тоа што Шведска, која се најде во фокусот на светското внимание, се определи за стратегија што не предвидува затворање на делови на општеството, каков што беше случајот во голем број други земји, не станува збор само за уверување дека шведските граѓани имаат доверба во институциите, а поради што ги почитуваат препораките и рестриктивните мерки, без потреба да се извадат полициски патроли на улиците. Во заднина на таквата стратегија е и надежта дека на таков начин е можно да се редуцираат штетите врз економијата. Долготрајна висока невработеност веројатно може да предизвика и поголеми штети по здравјето на луѓето од вирусот. Токму затоа многумина веруваат дека Шведска е сега во мала предност кога други земји ќе почнат да отвораат делови од јавниот живот и економијата.

Споменатото одмерување би било неопходно да се направи токму поради потребата да се намалат долгорочните штети. Пандемијата ја диктира таквата груба и непожелна реалност. Човечки животи не може да бидат спасени по која било цена. И дали тоа може да спречи еден вистински лош развој?

Не е можно да се направи избор така што нема да се избере никаков принцип. А не може ниту да се избере – она околу што многумина, се чини, градат некакви нови визии – еден нов свет по завршувањето на пандемијата и едно поинакво човечко суштество. Човекот постојано наоѓа нешто ново, но не се оддалечува премногу од својата природа. Како што некој со право забележал, човекот и во својот „апокалиптички копнеж“ е  – непроменлив.

Нема сомневање дека постои надеж, еден вид пресметан и одложен оптимизам, дека може да се очекува денот кога одеднаш ќе биде сигнализирано дека состојбите се менуваат во насока кон нормализирање. Во насока кон „старото“ што важеше пред пандемијата. Но, прашање е колку навистина може да се верува во таков епилог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот