Корона не го запира ЕУ-проширувањето 

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

БДП по глава на жител во Македонија и во Албанија е понизок дури и од нивоата што Бугарија и Романија ги имаа кога станаа членки на ЕУ во 2007 година. Тоа е само индикатор, но сепак добар податок кога станува збор за тешкотиите со кои ќе се соочат неразвиените западнобалкански земји за да ги исполнат барањата за функционална пазарна економија и интегрирање во енормниот ЕУ-пазар.

Брзото ширење на Унијата кон Исток предизвика низа проблеми, тврдеше францускиот претседател Макрон кога го блокираше стартот на преговорите со Македонија и Албанија. Романија и Бугарија, на пример, кои беа меѓу последните источноевропски земји опфатени со ЕУ-проширувањето, добија членство под претпоставка дека ќе ги спроведат ветените економски реформи и ќе преземат социјална одговорност, како и дека ќе ја засилат борбата против раширената корупција и организираниот криминал. Но и двете земји се и понатаму на врвот на листата на најкорумпираните ЕУ-членки.

Економските прашања се сепак само половина од лекцијата од експанзијата на ЕУ кон Исток. Во последните години Унгарија и Полска упорно туркаа реформи кои отстапуваат од критериумите за кои беа дадени ветувања дека ќе бидат исполнети при влезот во ЕУ во 2004 година. Независните медиуми во овие земји добиваат рестрикции, правосудството се политизира, а правата на малцинските групи се ограничуваат.

Дискусиите повторно се враќаат околу суштината. Еден подобар процес на проширување требаше да подразбира повисоки барања и повеќе можности за санкции. Се покажа дека на таа линија беше и предлогот на Макрон, а не дека сака да стави стоп за натамошно проширување. Според предлогот на француската Влада, земјите кандидатки во текот на подолг период ќе треба да поминат низ седум условени фази. Дури откако ќе се исполнат барањата за функционирање на правната држава ќе може да се оди натаму во следната фаза. Пристап до структурните фондови на ЕУ, чија цел е намалување на разликите во развојното ниво меѓу регионите и земјите членки, ќе биде можен дури во петтата фаза. Очекувањата се дека на таков начин процесот сега полесно ќе се контролира и дека ќе се создаде поттик земјите кандидатки да ги исполнат критериумите за членство.

Европа и целиот свет моментно се концентрирани на корона-кризата. Но едновремено останува исклучително важно ЕУ да може да носи одлуки и во вонредни околности. Одлуката да почнат преговорите за членство со Македонија и со Албанија е токму таква одлука која е подготвувана подолго време. Сега е важно да се продолжи натаму.

Корона-пандемијата им нанесе тежок удар на европските економии. ЕУ-членките се соочени со најдлабоката рецесија во досегашниот развој на евроинтеграциите. Европската комисија смета дека вкупната економија на земјите членки ќе доживее пад од 7,4 отсто, што значајно повеќе во споредба со најлошата 2009 година од финансиската криза, кога беше регистриран пад од 6,1 отсто. Се очекува и натамошен пораст на невработеноста, најмногу во Грција, каде што годинава, според прогнозите, невработеноста ќе се искачи на околу 20 проценти. Се прогнозира и значајно зголемување на јавниот државен долг, како дел од БДП, повторно најмногу во Грција – од минатогодишните 177 проценти, на речиси 200 проценти годинава.

Во такви услови сигурно дека „заморот од проширувањето“ не може да се избегне како тема. Со остри критики за „историска грешка“ се тврдеше дека Макрон, слично на поранешниот претседател Франсоа Митеран, „сонува за ЕУ како ексклузивен клуб“, отколку како за раширена прегратка. Но се покажа дека таквите тврдења беа погрешни. Макрон се откажа од своето вето, но ги издејствува промените што го менуваат карактерот на процесот на проширување.

Цената која треба да се плати лежи во напорите да се осигурат пофункционални преговори и посилни гаранции дека силното јадро на ЕУ-демократијата, човековите права и заедничките пазарно-економиски правила на игра, нема да бидат поткопувани. Напоредно на тоа, еврокомесарот за проширување Вархељ нагласува дека целта на економскиот и инвестицискиот план, кој Европската комисија ќе го претстави наесен, е намалување и „потполно надоместување на заостанувањето на Западен Балкан зад просекот на ЕУ“. Се разбира, вели натаму Вархељ, ситуацијата е поинаква кога „сте членка на ЕУ, бидејќи тогаш можете да сметате на полна солидарност на сите други членки“.

Многу нешта зборуваат дека космополитскиот дух, кој само до пред неколку децении претставуваше успешен победнички концепт – означен со ЕУ-проширувањето, шенгенската-соработка и слободната трговија – денес е изложен на закана. Особено во екот на корона-кризата, чии почетоци беа обележени токму со ставање на европската солидарност на сериозен испит.

Но фактот дека проширувањето на ЕУ, со прием на нови членки, во основа претставува позитивен процес, не наидува на сериозни оспорувања. Токму затоа е важно да се продолжи на правилен начин, со соодветен ритам и со процес на преговори што ќе стави стоп и ќе ги оневозможи оние што, пред сè, сакаат да го соберат шлагот од тортата.

Доколку таканаречената мека моќ на ЕУ – способност да се издејствуваат промени преку привлечна сила, а не преку принуда – треба да важи и понатаму, тогаш исти правила и принципи треба да важат за сите. Не постои друга заобиколна алтернатива, освен земјите кандидатки кои се надеваат на скорешен старт на преговорите, во таков контекст да ја препознаат реалноста со која треба да се соочат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот