Корона-кризата го зголеми бројот на пешаци и на велосипедисти

Велосипедисти / Фото: Слободен печат

Резултатите од анкетата покажуваат и дека 60 отсто од оние испитаници што почнале да користат велосипед за време на кризата, живеат во општини што даваат бенефиции за користење велосипед, какви што се Карпош и Аеродром.

Локалните и државни власти мора итно да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај за похрабри мерки во јавниот простор, за негова поправедна и поодговорна распределба. Не само како мерка за здравје и анти-корона, туку и како силно оружје во борба против климатската криза.

Ова е заклучокот од онлајн анкетата што граѓанските организации „На точак“ и Центарот за одржливи иницијативи ја спроведоа во ноември врз 1.615 учесници во градскиот сообраќај во врска со нивното движење низ Скопје пред и за време на короната и нивното мислење за велосипедот.

Според резултатите од анкетата,  28,5 отсто од испитаниците направиле промена во начинот на превоз поради вирусот.

Бројот на индивидуални корисници на автомобилот пораснал за 21,56 отсто за време на кризата, а бројот на корисници на јавниот превоз се намалил за 55,43 отсто. Околу 90 отсто од оние што го замениле споделениот автомобилски или јавен превоз со сопствен автомобил, тоа го направиле поради страв да не се заразат со вирусот.

– Соодветна инфраструктурна промена би ги спречила негативните тенденции од корона-кризата (зголемен број корисници на индивидуален автомобил) да продолжат и ескалираат по кризата (со зголемен автомобилски сообраќај од новите корисници), а би ги поддржала позитивните тенденции (порастот на одржливиот активен сообраќај на кој сме сведоци и покрај севкупно намаленото движење) – велат од иницијативата „На точак“.

За време на кризата се зголемил бројот на луѓето кои пешачат за 22,47 отсто, а на луѓето кои возат велосипед како превоз за 20,88 отсто. Резултатите од анкетата покажуваат и дека 60 отсто од оние испитаници што почнале да користат велосипед за време на кризата, живеат во општини што даваат бенефиции за користење на велосипед како што се Карпош и Аеродром.

Анкетата покажа и дека голем број од анкетираните или поточно 80 отсто имаат велосипед. И луѓето кои возат повремено велосипед и луѓето кои воопшто не користат велосипед, сметаат дека велосипедот треба да заземе поактивно учество во градскиот сообраќај и да се создадат услови за тоа. Три четвртини од оние кои воопшто не користат велосипед одговориле дека би сакале да возат и би возеле кога би имало подобра инфраструктура, безбеден сообраќај и безбеден паркинг.

– Корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, без разлика на нивниот префериран начин на движење. На пример, дури 72 отсто од оние на кои примарно превозно средство им е автомобилот се согласни за поинакви политики за јавниот простор. Велосипедот е најсоодветна анти-корона мерка во сообраќајот за 70 отсто од сите испитаници, но и за 63 отсто од оние што користат автомобил и за 61 отсто од оние што користат автобус, а истовремено и лесно остварлива, или поинаку кажано, зголемената употреба на велосипеди е втора најостварлива анти-корона мерка по зголемениот број автобуски линии -информираат од „На точак“.

Анкетата „Превоз за време на корона“ беше спроведена од „На точак“ и Центарот за одржливи иницијативи. Нејзината обработка беше поддржана од страна на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, спроведуван од „Еко свест“, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот