Корона и солидарност

Предлогот е воведување на исплата на времен придонес, онолку месеци колку ќе трае кризата. Ако претпоставиме дека кризата ќе трае три месеци, ограничувањата во бизнисот со мерките за заштита – исто толку, тоа значи следните три месеци е период на заздравување и потоа дополнително времена тримесечна исплата на тој придонес, во висина од 1 отсто од месечните приходи кои ги остварува секоја фирма.

Живееме во време кога зборот солидарност е во секојдневна употреба. Но во исто време, тоа се подразбира како „милостина“ или паушално се нафрла кога се сака да се повика на одговорен однос и чувство за заедништво за време на оваа криза. Сепак, треба да се обидеме дополнително да ја појасниме. Да ја допреме суштината на разбирањето на солидарноста во светот на политиката.

Често пишувам за оној општествен договор, преку кој сите сме се согласиле да ѝ се потчинеме на државата и да пренесеме дел од нашиот „личен суверенитет“ во нејзини раце. Тоа сме го направиле како резултат на нашите убедувања дека ќе живееме подобро во организирана заедница, а не во индивидуален хаос. Политичарите кои застанале на таа страна на заедништвото, убедувале со разни аргументи. Тие во свое време биле и научници во областа. Но само два аргументи се истакнале врз останатите. Тоа е ветувањето дека државата ќе воспостави еднаквост помеѓу нас или дека државата ќе воспостави солидарен однос помеѓу нас. Првото се т.н. левичари, второто се т.н. десничари. Кога се зборувало за тој солидарен однос помеѓу луѓето, не се мислело на лична доза на милостина кон посиромашните или послабите. Тоа е друга работа. Тоа е религијата, а не политиката. Точно дека темелот на „солидарноста“ доаѓа од религијата, но и со еднаквоста е иста приказна. Во случајот со политиката, станува збор за „солидарно поведение“, како на граѓаните, така и на државата. Во тој почетен договор, сме се договориле дека државата ќе се погрижи да биде прво самата таа солидарна, од таму тој атрибут во уставите дека сме социјални држави, но и дека тоа поведение ќе го наметне врз индивидуалците како единствено „прифатливо општествено поведение“. Како единствено „прифатливо лично поведение“. Така сме поверувале и сме пристапиле кон „потпишување на договорот“.

 

Солидарноста не е милостина

 

Кога денес се зборува за солидарноста, треба да се има на ум дека тоа не е милостина на власта или на политичарите, туку обврска на државата и на секој од нас, да ја практикуваме на дело одредбата од договорот, со кој сме се договориле да формираме заедничка држава. Политичарите имаат обврска да ја спроведат таа одредба. Зашто тоа е единствената причина што „трпиме“ организиран живот под „јаремот на државата“. Ова е есенцијално прашање, ова е општествено поведение, на кое сме обврзани и за време на криза и за време на редовна состојба. Инаку договорот би „паднал“! Чуму држава, ако тука владее законот на џунглата?!? Ако посилните ги ловат послабите. Ако богатите се обидат да станат побогати во ова време-невреме. За таа цел, во рацете на државата се ставени инструменти, како да го преточи во дело тоа солидарно поведение. Тие се многу, еден од нив се нарекува даночен систем. Друг се нарекува дозволено, законско дејствување на поединецот. Во нашиов случај Владата е на потег, да ја суспендира џунглата во која живееме, а да воспостави солидарен поредок. Едноставно, преку воспоставување на времен солидарен „корона придонес“ од општествена одговорност и либерализација на регулативата во банкарскиот сектор. На тој начин, државата ќе го оправда своето постоење и ќе се практикува одредбата за солидарноста во тој колективен граѓански договор. Да не се разбереме погрешно, не станува збор за мешање на државата во личното богатство на поединецот или во работењето на банките. Напротив, државата само ја исполнува одредбата од договорот, со кој е самата таа воспоставена, формирана.

Предлогот е воведување на исплата на времен придонес, онолку месеци колку ќе трае кризата. Ако претпоставиме дека кризата ќе трае три месеци, ограничувањата во бизнисот со мерките за заштита – исто толку, тоа значи следни три месеци е период на заздравување и потоа дополнително времена тримесечна исплата на тој придонес, во висина од 1отсто од месечните приходи кои ги остварува секоја фирма. Не мислам на воведување на „арач“, па до гола кожа да се одере бизнисот. Мислам на износ кој е доволен, државата да може да ја исполни својата уставна обврска за да биде социјална. Ако кризата заврши во мај, до август е период на санација и заздравување, од септември да се воведе тој „корона придонес“, заклучно со ноември. Или може да се плаќа помал износ, повеќе месеци. Со тоа нема да се реши проблемот во целост, но функционалноста на државата ќе биде запазена. Со мерка, со разум да биде сето тоа сработено.

 

Корона придонес

 

Дополнително, без државата на кој било начин да им се меша на банките во нивната работа, ќе се пристапи кон брза либерализација на банкарскиот пазар, со што ќе се отвори пристапот кон евтини пари за граѓаните и бизнисот. На тој начин ќе можеме, сите полесно да го поднесеме „корона придонесот“. Тоа нема да предизвика никаква девалвација на денар, ниту некои поголеми потреси. Едноставно ќе ни овозможи поголема слобода да располагаме со нашиот личен капитал и можност да инвестираме во повносни бизниси или да се позајмуваме од поевтини извори.

Тоа накратко би било она кое се нарекува солидарност на дело. Ако до сега не сме успеале солидарноста да ја наметнеме како единствено прифатливо општествено поведение, тогаш договорот е на сила и државата мора да го наметне истото. Ама не сме од денес за утре. Ништо страшно. Во иднина секако тоа ќе стане наше редовно поведение. Во тоа сум убеден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот