Корисните, бескорисните и лобистите

Наредени во полукруг, петнаесетина претставници на некои од поинтересните и поретките, а според некои и поегзотичните јазични редакции на Светскиот Сервис на БиБиСи чекаа со возбуда и нетрпение. Меѓу нив и јас, уредничката на македонската, тогаш најмладата редакција во Буш Хаус, седиштето на Светскиот сервис кој тогаш имаше 43 редакции на јазици од целиот свет. Бевме собрани да го пречекаме и поздравиме неговото кралско височество, принцот Филип. Инструкциите беа: нема ракување, не зборувајте додека не ви се обрати, а за другото, па тоа е тоа. А да, треба ли да се поклонуваме како за кралицата Елизабета? Не, какво поклонување, принцот не сака некој да му се „клања“…

И тоа беше мојата средба со принцот Филип. Никој не направи гаф да подаде рака да се ракува зашто тој ги држеше рацете зад грб, секој од нас му беше претставен – „ ах, Македонија, да, фино, браво, беше дел од Југославија, нели“ – види, знае човекот и потоа следниот во низата и потоа кутриот колега од Јамајка кого го праша – а вие кога ги презентирате вестите, на кој јазик го правите тоа, на јамајкански? Колегата испотен, збунет, здрвен, пропелтечува – „не, на англиски, ние емитуваме на англиски“, ама принцот се забавува и не го пушта човекот да дише. „Ама вие емитувате во Јамајка, па мора на јамајкански, нели“? Колегава, инаку висок речиси два метри, се смалува на метро и јаготка и дури и ние отспротива гледаме како потта му се пробива преку кошулата и сакото, а се би дал на светот да може да ја олабави вратоврската. Јас се забавувам, нему животот му се скусува. Тоа е принцот Филип, човекот кој знаеше како да си го направи животот поинтересен.

Бофл муабети

Деновиве кога се евоцираат спомени за  животниот придружник на кралицата Елизабета Втора, војводата на Единбург, принцот Филип, кој почина на 99-годишна возраст, моите се најмногу за неговата смисла за хумор. Често пати тоа беше толкувано како несмасност, некогаш како немарност и арогантност, ама според него и оние кои подобро го знаеја, тоа беше начин да си го направи поинтересен животот полн со сечење ленти, откривање плакети, посети на институции, коктел забави со празни (што би рекол зет ми Драган – бофл муабети) и многу често одошто не, културно и трпеливо покажување заинтересираност за работи кои воопшто, ама воопшто не ве интересираат. Мојата симпатија, принцот Хари (уште не му ја одзеле титулата, добро е), кој пристигна во Лондон за погребот и деновиве е во карантин, за дедо му кажа дека била најавтентичниот човек кого го познавал, со сериозно остар дух, шармантен и способен да го задржи вниманието во собата, зашто никој никогаш не знаел што ќе каже следно. „Беше мајстор за скара, легенда за досетки и духовит и мајтапџија до самиот крај“, рече Хари за дедо му.

Е тој, шармантниот принц кој реши да биде до жена си и да ја поддржува целиот свој живот неа, на сметка на сопствената кариера, се обидуваше да не се меша во политиката, но секако имаше политички видувања. Често пати во сферата на „политички некоректни“, како кога  кажа дека „имаме 650 пратеници и најголемиот дел од нив се проклето бескорисни“. И сосема нормално, од името на оние (бес)корисните, претставник беше премиерот Борис Џонсон, кому гафовите му се второ име и кому на памет не му падна да ги стави потребите на сопствената сопруга пред своите. Оддавајќи му признание на принцот, кажа дека служењето на народот може да има различни форми. И потоа реши да види како го служел народот поранешниот премиер Дејвид Камерон, за кого нареди посебен адвокат  кој ќе испитува дали и како Камерон користел стари пријатели од владата за бизнис услуги кои дебело ги наплатувал како лобист.

Лобирање и Лас Вегас

Министрите, поранешните министри, премиери, тие не смеат да лобираат за комерцијални цели. И законот треба да се измени за да го рефлектира ова, налутено побара поранешниот премиер Гордон Браун. Можеби требаше ова да го му го каже порано и на неговиот претходник Тони Блер, кој ја изгради својата империја токму благодарение на контактите и врските од времето кога беше премиер на Велика Британија, потоа употребени во комерцијални цели. Зашто, ако не е забрането, тогаш е – дозволено, нели, што би рекол еден поранешен  балкански премиер, сега средно богат бизнисмен.

Ама Дејвид Камерон, кој ќе остане вечно запаметен како премиер кој „ничим изазван“ ни го донесе брегзитот, по оставката немаше што да прави па почна со лобирање..  За сега веќе пропаднатата компанија „Гренсил капитал“, на австралискиот бизнисмен Лекс Гренсил( кој му беше советник за нешто кога овој беше премиер), очигледно неуспешно. Попусто Камерон го носеше на пијалак министерот за здравство Мат Ханкок, фаќаше врски и му праќаше пораки за средби со канцеларот Риши Сунак за да обезбеди плаќањето за набавка на медицинска опрема (сосема непотребно) да оди преку банката на споменатиот другар Лекс, а Камерон да добие, нормално, провизија.

Ова ќе се испитува, но изгледа, она од минатото ќе остане минато, и како што велат за  Лас Вегас, „она што се случува во Лас Вегас, останува во Лас Вегас“.  И во Македонија. Зашто, Дејвид Камерон и претходно имаше „лобирачки“ способности. И‘  стана познат на јавноста во Македонија уште пред да стане премиер,  кога како пратеник во  интервју се стави на страната на Македонија во спорот со Грција во врска со името. Пред тоа дојде да гледа фудбал во Скопје со другар му кој имаше бизнис другар таму (ах тие другари) кој потоа беше заинтересиран и за лобирање за изградба на хотел во центарот на главниот град и  за инвестиции во други проекти и хотели.  Другарот од факултет Лорд Фелдман, компанијата Џејрома, Риго Холдинг на холанските Антили,  ХЛХ Македонија  ЛЛП  се само некои од имињата во македонската лоби приказна, заедно со поранешниот премиер Груевски кој потоа доби покана од Камерон да дојде во посета на Лондон. Колку и дали и самиот Камерон има инвестирано во Македонија, се разбира индиректно, со лобирање кај претходната влада и директно и преку претставници е непознато, ама изгледа прилично веројатно. Испитувањата на неколку истражувачки тимови стигнаа само до високи суми пари и блиски пријатели на Камерон.

А штета, можеше бившиот премиер, да беше поотворен и потранспарентен,  да остави на овие простори поголема трага. За разлика од Косово, каде што има дузина Тониблеровци, во Македонија нема ниту Камерончо, ниту Камеронка, лична Македонка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот