Кордалов за СП: Добро е што нема реалити-шоу од македонско-бугарската комисија

Транспарентноста е придобивка од демократијата, но кога при чувствителни прашања треба да се внимава, коментира комуникологот Бојан Кордалов во кус разговор за тоа колку е добро или лошо тоа што се држат во строга тајност содржините од разговорите на мешовитата комсија за историски прашања и на македонското и бугарското министерство за надворепни работи.

За овие разговори се редат многу шпекулации, па се оди дотаму и дека се разговара за македонскиот јазик и идентитет, но институциите не изнесуваат никакви детаљи, што дополнитено ги подгрева сомнежите.

– Секако е неопходно јавноста и медиумите и во иднина да бидат редовно и целосно информирани за напредокот кој мешовитата комисија го прави или не го прави во секое време. Сепак, колку и да е со најдобра намера, кој било „реалити шоу“ момент нема да придонесе за катализирање или поголема ефикасност во работата на комисијата, туку само дополнително ќе ги поларизира ставовите помеѓу граѓаните од двете страни на границата. Дури би отишол и чекор понапред со препорака за членовите на оваа, како и за која било друга стручна комисија, помалку лично експонирање во медиумите, а повеќе стручно експонирање на состаноците. Да не заборавиме дека крајните одлуки ќе ги донесат политичките влади на двете земји, па оттука тие мора да преземат и поголема одговорност, секако базирана на стручност и наука која произлегува од ваквите тела – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Тој додава дека комуникацијата секогаш, а особено во вакви чувствителни случаи мора да биде базирана на правото, меѓународните искуства и фактите и дека ефекти може да донесе само комуникацијата што е базирана на конзистентност, стручност и базична доверба. Колку повеќе користиме зборови како „отстапки“, „посилни“ и „послаби“ или „поразени„ и „победници“, „забрани“ и „вето“, вели тој, толку повеќе се оддалечуваме од позитивните односи.

– Сите балкански држави треба да прифатиме дека наместо спорење за нечија историја и слично треба да разговараме за големи заеднички енергетски и еколошки проекти, за вложувања во инфраструктурата, за заеднички настап за привлекување на инвеститори во целиот балкански регион и секако за она што е „болка“ за секоја држава, за создавање на услови за квалитетен живот што ќе ги мотивира младите во голем број да одлучат да останат во своите земји, наместо да му се случува младински егзодус на целиот регион – вели Кордалов.

Во врска со тајновитоста на комуникацијата меѓу двете министерства за надворешни работи тој вели дека е позитивно е што инистерствата соработуваат и што се подготвува план за зајакнување на меѓусебната соработка, особено ако тоа е во делот на економската соработка.

– Како комуниколог секогаш сум се залагал за инклузивен пристап и обединување на сите општествени и политички чинители зад клучните прашања од национален интерес.

Но, за тоа се постигне потребно е да се изгради доверба меѓу партиите од власта и опозицијата. Во спротивно, повторно ќе сведочиме на сцени какви што гледавме минатите два пати кога во Македонија имаше т.н. „пржинска“ предизборна широка влада. Крајно време е партиите да седнат и да постават правила за меѓусебна соработка и за дејствување во сферата на меѓународната политика, како и по други важни теми за иднината на земјата како што се образованието, екологијата, здравството, дигитализацијата и слично. Ако сакаме како земја да одиме напред и да се одлепиме од чувството на бесперспективност што многумина го споделуваат, потребна е сериозна промена и градење на мостови на соработка, односно тргање на тесната политика и интереси на страна. Тешко е, но не е невозможно. Примери за таква соработка има во многу земји во светот, не е тешко да ги погледнеме и преземеме тоа што најдобро кај нас би функционирало. Во спротивно, Македонија ќе продолжи масовното иселување, но и опаѓањето на желбата кај граѓаните да гласаат на избори. Тоа се многу погубни сценарија за една земја – вели Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот